Воспитување

11 вистини за првата година од родителството

Доаѓањето на бебето целосно го менува животот на родителите и првата година може да биде многу тешка, но секако и преубава. Постојат работи што секој родител треба да ги очекува во првата година од родителството, а кои не се запишани во книгите за бебиња.
Овие „вистини“ ќе ви помогнат уште подобро да се подготвите за секојдневието што ве очекува.

Ќе бидете најлошиот и најдобриот родител истовремено

Сите ние сме различни секој ден и тоа важи и за вашето бебе, кое ќе ги менува расположението и желбите од час во час. Ќе има одлични и лоши денови, преубави моменти и такви што нема да бидат убави. Голема е веројатноста многу работи да направите погрешно. Но, не бидете строги кон себе поради тоа, вие сте сакани и потребни сте му на семејството.

Телото на жената по породувањето едноставно е поинакво

Истегнатата кожа и остатокот по породувањето не е лесно да се прифатат, но тоа тело е преубаво и со својата несовршеност. Тукушто на свет сте донеле човечко суштество. Хранете се здраво и прифатете го овој период на среќа. Штом ќе имате можност, воведете го шетањето како секојдневна рутина. Слушајте ги луѓето кога ќе ви кажат дека сте убави и верувајте им.

Вашето бебе не е како другите бебиња

Вашето бебе нема да ги следи упатствата од книгите што ги читате, нема да му се допаѓа она што го очекувате и нема да го прави она што вие мислите дека треба да го прави. Вашето бебе е уникатна личност, нема уште една таква на светот. Запознајте го, откријте што му се допаѓа, што сака, како најлесно се успива, како ви соопштува дека е гладно. Овие откритија ќе ви служат повеќе отколку кој било совет.

На мајките им е потребна поддршка

Грижата за бебето не е лесна. Тоа можеби е најтешката работа што многумина од нас некогаш ќе ја направат. И секоја мајка е пред истите предизвици. Можете да посакате да ги критикувате другите, да се претставувате како подобра и попаметна или да се сакате меѓусебно, да се воодушевувате на успесите на нивните деца, да понудите помош кога е потребна. А тоа воопшто не е тешко.

Не е сè толку лесно како што мислат другите

Мајките сакаат да ги споделат своите успеси со другите и лесно се фалат и со најмалите успеси не размислувајќи дека секој од нас има различни проблеми. Она што за некого е лесно, за друг може да биде ноќен кошмар. Но, само затоа што вашето дете плаче повеќе, не спие цела ноќ или „сè уште“ носи пелени, не значи дека тоа не чини. Не мора сè да биде брзо, лесно и без мака. Родителството не е лесно и не верувајте им на оние што сакаат да ве убедат во спротивното.

Ќе има многу пелени за менување

Во текот на првата година со бебето многу време ќе поминете во менување пелени, но и во мирисање, набљудување, миење, оценување, дискусии за нивниот состав. Прифатете го фактот дека тоа е нормално и дека ќе помине.

Ќе ви биде полесно ако со љубезност ги прифаќате небараните совети

Луѓето едноставно уживаат да им делат совети на новите мајки и татковци. Речиси секој има свое мислење кое едвај чека да го сподели со „уморните родители на кои сигурно им треба помош“. Без оглед колку ваквите луѓе ве нервираат, имајте на ум дека сигурно ви мислат најдобро. Нема причина да се браните од нив. Насмејте се и заблагодарете се, но бидете сигурни во себе. Вие знаете што е најдобро за вашето бебе и не мора да губите време објаснувајќи им на сите зошто тоа сте го направиле на овој или оној начин.

Вашето семејство е единствено

Не е потребно да се трудите вашето семејство да личи на некое друго. Не мора да ги следите непишаните правила и да ги исполнувате желбите на околината. Она што треба да го направите е да создадете живот кој вам ќе ви одговара и во кој ќе има љубов и сигурност.

Мора да бидете флексибилни

Распоредот целосно ќе ви се смени кога бебето ќе влезе во вашиот живот. Ќе доцните иако никогаш не сте го правеле тоа, нема да стигнете да направите многу работи… животот ќе стане неуреден и комплициран. Но, вие имате избор. Можете да бидете нервозни и да паничите околу сè или можете да станете флексибилни и да побарате помош кога ќе ви треба, да останете цел ден во пижами ако тоа го сакате, да го игнорирате нередот и слично. Сè ќе биде комплицирано, но истовремено ќе биде и фантастично.

Помошта од пријателите и роднините е многу потребна и пожелна за бебето

Не мора на вашето бебе да му купите најнова количка, најскапа облека и многу играчки. Тоа воопшто не е важно. Најважно е да му обезбедите присуство на пријатели и роднини. Тие ќе ви помогнат кога ќе бидете уморни, ќе ве нахранат кога ќе бидете гладни и ќе го сакаат вашето бебе кога ќе бидете преуморни (што е сосема во ред бидејќи сте човечко суштество). Тие ќе ве развеселат.

Ќе учите секојдневно

Никој од нас не знае сè за чувањето бебиња. Учете од своите грешки и бидете отворени за нови знаења. Сакајте го своето дете и ќе бидете среќни.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top