Родителите знаат да ги критикуваат наставниците за сè и сешто. Некогаш тоа е оправдано, а некогаш не. Бидете родител што ќе знае да ги препознае квалитетите на наставниците и ќе ги почитува луѓето што се задолжени да му пренесат знаење на неговото дете.

Еве неколку работи што ќе ви помогнат да бидете сигурни дека вашето дете има добар наставник:

Детето е среќно

Ако вашето дете оди на училиште со насмевка на лицето, дури и кога ќе добие лоша оценка или пред контролен тест, може да бидете сигурни дека наставникот е одличен. Само добриот наставник може на децата да им пренесе желба за учење и кога не оди сè така лесно.

Наставникот има големи очекувања од секој ученик

Добриот наставник се грижи секое дете во неговото одделение да постигнува што подобар резултат и нема да се откаже од детето што ќе се покаже како лош ученик. Ќе го поттикнува и ќе го мотивира.

Знае да ги реши конфликтите меѓу децата

Наставникот кој знае како рамноправно да се однесува кон децата што учествуваат во расправа, кавга или тепачка без оглед дали се работи за девојчиња или момчиња, заслужува голема почит. Секое дете го почитува ваквиот наставник и се чувствува сигурно во неговото одделение бидејќи знае дека нема да биде неправедно казнето. Децата сепак почитуваат праведен став.

Одвојува време за пофалби

Учителот или наставникот кој знае да го пофали детето, а не само да го наведе проблемот е личност што го мотивира и го поттикнува детето да се труди да постигне најдобар резултат. Ова ги уверува родителите дека наставникот е присутен и дека знае што се случува со секое дете и меѓу децата во одделението.

Му помага на секое дете

Наставниците поминуваат доста време со децата и можат да забележат кога на некое дете му треба дополнителна помош. Најдобрите наставници ќе му дадат конкретен предлог на детето, а и на родителите како да ги совладаат тешкотиите. Од праќање домашните задачи додека детето е болно за да не заостанува до јасен совет кои задачи и области се проблематични. Сепак, другото останува на вас.

Свесен е за важноста на честата комуникација со родителите

Детето ќе има многу поголеми шанси за добар успех на училиште ако наставникот соработува со родителите и обратно. Важна е честата и отворена комуникација, преку родителски состаноци, отворени врати и писмени пораки. Добриот наставник и преку телефон ќе ги побара родителите ако е загрижен за детето.

Има јасни цели

Ефикасноста на еден наставник се гледа во неговата организираност. Тој на учениците јасно ќе им каже што треба да научат, кои се нивните задачи и од што ќе зависи оценката. На учениците им дава можност да вежбаат нови вештини, им поставува цели во учењето и е доследен во оценувањето.

Ги поттикнува учениците критички да размислуваат

Добриот наставник ги стимулира децата константно да прашуваат „зошто“ и често да поставуваат прашања. Тој не дозволува еден ученик да доминира, туку го поттикнува учеството на сите.

Добриот наставник се интересира за детето како личност

Добриот наставник е топла и достапна личност која се грижи за своите ученици. Редовно е тука за разговор, учествува во настаните и активностите во училиштето.

Добро ја познава материјата што ја предава

Добриот наставник е стручњак во предметот што го предава и константно учи за секогаш да биде во тек. Знае да ја претстави лекцијата пренесувајќи ентузијазам, будејќи љубопитност за учење кај децата.

 



912

X