Американската новинарка Табита Студер, мајка на двајца синови, собрала совети од други мајки за воспитување на момчињата.

Мајката е најважната жена во животот на својот син. Негова прва љубов и прв учител, прва личност од која цел живот ќе бара совети. И токму затоа новинарката Табита Студер собрала совети од други мајки за воспитување на момчињата.

1. Сакајте го многу, многу

Секоја мајка што има син знае колку нејзиното момче може да биде вистинско галениче. Тие исти галеничиња уште од првата година можат да бидат многу живи, речиси груби и деструктивни. Во моментите кога вашето минијатурно суштество ќе ја покаже својата нежна и чувствителна страна, па ќе ве прегрне и ќе го посака вашиот допир, не штедете ги своите чувства.
Бакнувајте го, прегрнувајте го и галете го колку што можете. Бакнежите и допирите се важни при детскиот развој, што најмногу ќе дојде до израз кога вашето бебе ќе стане маж, кој нема да се воздржува да ги покаже своите чувства. Сакајте го и тогаш.

2. Научете го да помага во домашните работи

Ако вашиот син ве набљудува додека готвите, чистите или ја подготвувате облеката за перење, дозволете му да ви помогне. Објаснете му што правите и обидете се да му дозволите да заврши симболичен дел од работата.
Кога вашето бебе ќе стане момче, тие работи нема да му бидат интересни, но ќе знае да прави сè и лесно ќе се осамостои.

3. Дозволете му да ја извалка и да ја искине облеката

Момчињата секогаш се разиграни и палави, што често резултира со мали проблеми, како искината и извалкана облека.
Ако се нервирате за такви ситници, нема ништо да постигнете бидејќи скокањето, паѓањето и уништувањето на облеката се само дел од растењето што е карактеристично за момчињата.

4. Покажете му примери на добри мажи

Вашиот син ќе биде опкружен со набилдани ликови под маски од цртаните филмови кои со својата појава го предизвикуваат неговото внимание, уште од раѓање.
Погрижете се да му се доближите и да го запознаете со мажи што „растураат“ – но не со сила, туку со својата глава. Писатели, сликари, физичари, компјутерџии, нобеловци…

 

5. Покажете му примери за добри жени

Фотографии од убави жени од списанија, каталози или од светот на познатите и славните се нешто со кое ќе расте вашето дете.
Освен таков поглед на припадничките на спротивниот пол, погрижете се да дознае кои жени го заслужиле своето место меѓу славните поради својот талент, знаење, упорност и своите животни ставови.

6. Научете го на убаво однесување

Децата впиваат како сунѓер и секоја информација што ќе ја споделите со синот ќе биде сочувана во неговата меморија. Научете го како да јаде без да срка или мласка, покажете му што значи да биде пристоен кон постарите, послабите и девојчињата.
Кога еднаш ќе стане маж, ќе се гордеете со него, а секоја мајка ќе го посакува за свој зет.

7. Поттикнете ја неговата нежна страна

За разлика од девојчињата, момчињата не сакаат да ги покажуваат своите емоции, а тој природен инстинкт се „покрива“ со нивната скриена нежна страна.
Покажете му што значи нежноста и дозволете му сам да ја почувствува и да ја искаже кон бебиња, животни, растенија, но и кон други деца и возрасни.

8. Дружете се со него надвор од дома

Иако главно татковците ги водат своите синови на спортски натпревари, на возење велосипед или играње со топка – и вие одвреме-навреме вклучете се во овој дел од забавата.
Покажете му дека сте супермајка која го разбира во секој поглед, па дури и во „машките“ активности.

9. Дозволете му да почувствува пораз

Никој не сака да губи и тоа се забележува на најрана возраст. Но поразот е дел од животот кој вашето синче брзо ќе го сфати. Ако изгуби во некоја игра или натпревар, дозволете му да се лути и да биде малку разочаран.
Тоа се нормални чувства со кои е подобро да се сретне што порано. Колку побрзо ќе сфати дека не можеме секогаш да го добиваме посакуваното, така и растењето ќе му биде полесно.

10. Вклучете се во неговиот живот надвор од дома

Додека се мали, момчињата се многу поврзани со мајката, но со текот на времето почнуваат да се интересираат за активности надвор од дома, далеку од вас. Обидете се да се вклучите во работите кои го интересираат и во кои ужива. Ако се занимава со спорт, следете ги неговите настапи, успеси и неуспеси, дознајте кои се неговите пријатели и запознајте ја неговата симпатија.

 



912

X