Секој родител сака на своето дете да му обезбеди среќен и безгрижен живот, но, за жал, не зависи сѐ од нас. Мајката Кејт Швајцер подготвила неколку совети за својата ќерка и се надева дека ќе ги памети цел живот.
Често размислувам за животните лекции што сакам да ѝ ги пренесам на мојата ќерка. Меѓутоа, открив дека многу лекции што сум ги научила кога бев на нејзини години некако се изгубија попат и дека денес, како мајка, повторно ги учам со неа.
Некогаш си помислувам дека бев попаметна и помудра кога бев млада. Веројатно тоа е така затоа што, по безгрижното растење, се среќаваме со животот кој не е секогаш толку сладок како кога бевме мали и кога за нас се грижеа мама и тато. Сите тие препреки и проблеми на патот на созревањето нѐ менуваат, па затоа често забораваме кои бевме и што знаевме.
Од таа причина, би сакала моето девојче засекогаш да запамети неколку важни животни лекции кои, за жал, јас ги имав заборавено.
Верувај му на својот инстинкт
Твојот инстинкт ќе те води од мали нозе. Следи го. Тоа е твојата интуиција, а девет од десет пати ќе се покаже дека е во право. Како што растеш, може да се случи да престанеш да веруваш во себе. Честопати некој друг ќе те убедува во нешто друго и ќе те тера да го смениш начинот на размислување, но важно е да не се откажуваш од она во што веруваш.
Ризикувај, но биди свесна за последиците
Немој да се плашиш да скокнеш. Само биди подготвена на она што те чека кога ќе паднеш.
Никогаш немој да дозволиш некој да те убеди дека нешто не можеш
Можеби за тоа сега не си свесна, но во некој момент од животот ќе почнеш да мислиш дека постојат одредени работи што не се за тебе – дека само машките се добри за тоа, дека само богатите деца можат да си дозволат, дека само популарните девојки можат да одат таму… Ако дозволиш, тоа многу брзо ќе стане твој стандарден начин на размислување. Ти си господар на својот живот и можеш сѐ, ако искрено сакаш.
Сакај искрено и слободно
Срцата што никогаш не биле скршени, никогаш и не сакале. Цвеќето ќе овене, саканиот миленик ќе умре, а еден ден и Вистинскиот можеби нема да остане. Но тоа не значи дека никогаш нема или не треба да сакаш.
Сакај го своето тело
Тоа е единственото тело што го имаш. Однесувај се кон него со почит – храни го здраво и сакај го. Немој никогаш да се споредуваш со другите.
Учи од сопствените грешки
Природниот талент е неверојатен, навистина. Но не е задолжителен. Посветеноста и напорниот труд ќе те однесат подалеку во животот, а периодот кога не ти оди најдобро ќе ти обезбеди повеќе можности за развој отколку кога сѐ ти оди од рака.
Признај кога не си во право
Да се проголта својата гордост не е лесно, но едноставен збор како извини, кога ќе се каже искрено, може многу да направи.
Солзите не се знак на слабост
Негирањето на сопствените емоции е најлошата работа што можеш да ја направиш, а втора најлоша работа е да дозволиш болката премногу долго да владее со твојот живот. Ако ти се плаче, слободно исплачи се.
Времето ги лекува сите рани
За сите оние страшни работи што ќе ти се случат, кога плачењето не е доволно, знај дека времето може да направи чуда. Мора да имаш доволно трпение и сила да го поминеш секој нареден ден, кој ќе биде сѐ полесен. И запамети дека, дури и по многу време, во твоето срце ќе остане голема празнина, но ќе мора да научиш да живееш со неа.
Немој да ги сфаќаш работите премногу лично
Обиди се да не дозволиш да те растргнат критиките, како што и не смееш да дозволиш пофалбите да те вообразат. Немој да очекуваш дека другите секогаш ќе те третираат како што заслужуваш. И запамети дека светот не се врти околу тебе, можеби мојот се врти, но тоа е исклучок.