Има многу повеќе замки во кои родителите може да западнат. Еве ги најчестите…

За среќа, може да се извлечеме од сите замки. Најпрвин мора да знаеме дека сме влегле во нив, а потоа и да се потрудиме да ги промениме работите на подобро. Кои се најчестите замки во кои влегуваат родителите и како да излезат од нив:

Детето треба да се остави да плаче

За детето да развие темелна доверба во животот и светот, потребни му се цврсти родители кои реагираат на неговите потреби. Се разбира, понекогаш родителите не успеваат да ги препознаат и затоа сите лесно може да станат исфрустрирани. Тоа е нормално, но да се оставаат децата да плачат, а притоа да не се реагира, не е метод за постигнување среќа.

Кога ќе прооди, детето постојано треба да се држи за рака

Кога сте во парк или во продавница, слободно може да направите неколку чекори нанапред. Ако детето постојано го чувствува вашиот здив во вратот, слабее неговата вродена способност да соработува со вас и да ве следи. На вашето дете потребна му е опуштена блискост. Така може во секој момент кога ќе му затреба „да ги наполни батериите за сигурност“, а потоа повторно храбро да тргне во освојување на светот.

Добро воспитаното дете мора да ги дели играчките и храната со другите деца

Во првите години од животот детето прво учи да поседува. Типичното „мое е“ ќе го чуе секој родител на двегодишник. Тој збор е очекуван во егоистичната фаза од растењето, која е нормална е важна за животот. Ќе се согласите дека и вие самите сакате да одлучувате за вашите работи, дали сакате или не да дадете нешто свое и дали ќе го делите со други. Ако самите ја имате таа потреба за чување и одлучување за вашите работи, зошто би ги присилувале децата да ги занемарат таквите потреби. Децата учат да споделуваат кога ќе ги видат родителите дека го прават тоа, и тоа е процес на созревање кој трае со години.

Праведна поделба на љубовта меѓу децата

Ако сте опседнати со идејата дека вашите деца секогаш треба да добијат еднаков бој коцки од чоколадото, еднаков број приказни за добра ноќ и еднаков број прегратки, ќе научат постојано да викаат „ова е неправедно!“ Не можете постојано да ја вагате љубовта и правилно да ја распределувате. Подобро бидете великодушни и отворени и вашите деца ќе ве следат во тоа.

Да се одбере основното училиште каде што ќе одат пријателите на детето

Деца на возраст од пет или шест години лесно и брзо наоѓаат пријатели со кои сакаат да си играат. Но, дури во пубертетот склопуваат вистински пријателства. За избор на училиштето многу поважни критериуми се близината до училиштето, образовниот концепт и добриот учител.

 Пресериозно го сфаќате училишниот успех

Наместо постојано да им вршите притисок на децата за училиштето, подобро учете ги како да уживаат во откривањето нови знаења и вештини и на доживотно учење низ читање, посета на театри и музеи… Убаво е да се поддржуваат децата и да се слушаат како ја научиле азбуката напамет, но ако училиштето функционира само доколку мама и тато секојдневно учат со децата, тогаш нешто е погрешно – и сите страдаат поради тоа.

Да ги исфрлите мобилните и компјутерот од дома

Дигиталните медиуми за денешните деца не се само играчка, туку се дел од нивниот свет. Медиумите им овозможуваат да се во тек со настаните, да комуницираат со своите пријатели, да осмислуваат сопствен виртуелен свет во игрите. Ако родителите постојано го негираат тоа, ризикуваат да го изгубат отворениот контакт со детето и, воопшто, моќта да влијаат врз него.

Третирањето на тинејџерите како да се вонземјани на хормони

Исто како што вие мајките не сакате да ве сфаќаат пресериозно кога за момент ќе станете поинаква личност поради симптомите на менопауза, така и на децата во пубертет, кои полека стануваат возрасни, им треба малку разбирање за нивните испади. Тоа е здраво и потребно. Сега им требаат родители што ќе разговараат со нив, а не за нив.

Поради благосостојбата на децата, ја занемарувате сопствената среќа

Овој вид жртва децата воопшто не ја ценат. Ако родителите се среќни, и децата се среќни (се разбира, под претпоставка дека поминувате време со нив). Сѐ што вложуваме за со партнерот да живееме исполнет живот, непосредно им користи и на децата. Запомнете, тие учат по модел.



912

X