Време е да дознаете како да го научите вашето дете да ги контролира емоциите и да ја зголеми самодовербата во неколку чекори. Еве за што станува збор и како може да помогне НЛП (невролингвистичко програмирање).
Во различна возраст децата често имаат проблеми со однесувањето, на што родителите не знаат секогаш да изреагираат на вистинскиот начин. Најчести проблем се контролата на емоциите и самодовербата кај детето.
Многу е важно како комуницирате со детето во најраната возраст зашто тоа што им го повторувате може да влијае врз нивниот понатамошен развој и врз сликата што ќе ја имаат за себе. Сепак, што ако ви кажеме дека има решение?
Техники за контрола на емоциите и зголемување на самодовербата
За среќа, постојат ефикасни техники кои на вашето дете можат да му помогнат да владее со емоциите и, што е најважно, правилно да ги разбере.
Такви се, на пр., НЛП-техниките за деца кои преку работилници им помагаат да ја зголемат самодовербата и да научат правилно да ги искажат своите емоции. Секако, потребно е децата истовремено и дома да имаат правилен пристап кон контролата на своите емоции. Затоа сега споделуваме 10 најважни совети како да го научите детето подобро да ги контролира емоциите.
1. Не викајте
Прво и основно е да запаметите дека вие сте главниот пример по кој се угледува вашето дете. Затоа, важно е вие да ги контролирате своите емоции.
Немојте да викате кога сте лути или вознемирени, особено не пред детето. Експертите советуваат да воведете нешто што се вика „родителски тајмаут“. Со други зборови, земете неколку моменти за да се смирите и напуштете ја просторијата.
2. Важна е утехата
За емотивниот развој на секое дете важна е врската со родителите и чувството дека во нив може да најде утеха и сигурност.
Големи се шансите вашето дете да има напади на бес и неконтролирани емоции за да ви покаже дека се чувствува отуѓено. Ќе направи сѐ само за да ви го привлече вниманието. Ако детето чувствува дека сте оддалечени, логично е првиот чекор да биде повторно воспоставување близина.
3. Прифатете ги неговите емоции
Најважниот чекор во учењето на детето да се справува со своите емоции е да ги прифатите такви какви што се. Така и самото дете ќе ги прифати и ќе владее со нив.
Клучот е во тоа да не дефинирате одредени емоции како опасни или лоши. Детето мора да стекне впечаток дека е во ред да се чувствува така како што се чувствува, но дека е важно дека тие емоции може да ги контролира и да ги исфрли од себе на друг начин.
4. Казнувањето не доаѓа предвид
Ништо не влијае толку погубно врз самодовербата на детето како казнувањето во раната возраст. Затоа, важно е да избегнувате да го казнувате, особено за изразување на емоциите, па какви и да се.
Ова повторно се однесува на опишување одредени емоции како лоши, што не е вистинска порака за дете зашто ќе почне да ги потиснува емоциите поради кои се плаши дека ќе биде казнето.
5. Ограничете му го насилното однесување
Иако детето треба да сфати дека е во ред да се чувствува така како што се чувствува, тоа не значи дека треба да му се дозволи насилно однесување. Важно е да му кажете дека емоциите се во ред, но исто така е важно да не му се дозволи да удира, да фрла работи или да скока наоколу за да ги искаже емоциите. Најдобро е да го охрабрите да плаче наместо да се однесува насилно. Не само што ќе се почувствува побезбедно, туку и побрзо ќе му поминат лошите чувства.
6. Разговарајте за емоциите
Дури и кога вашето дете не покажува дека нема контрола над своите емоции, важно е за нив да разговарате. Од најрана возраст на децата треба да им се предочи врската помеѓу одредени емоции и начинот на однесување (или изразот на лицето додека се мали). Така ќе им помогнете да ги препознаат емоциите и кај себе и кај другите, да реагираат на нив и да ги владеат.
7. Развијте стратегија
Добар пристап во контролата на емоциите е да развиете механизам и стратегија кои ќе му помогнат на детето да се справи со нив.
Секое дете е различно, па не постојат универзални механизми на дејствување. Но, без разлика дали се работи за слушање музика, играње со топка за ослободување од стресот, вежби за дишење, опуштање или нешто друго, постои механизам за секој.
8. Пишувајте приказни
Една од стратегиите за контрола на емоциите, доколку имате дете-фантазер, може да биде пишувањето приказни. Секако, во приказната треба да биде вклучено сето она што го вознемирило вашето дете, т.е. што предизвикало негативни емоции.
Седнете и заедно напишете приказна за тоа како некој лик од приказната би реагирал на тие работи и како би било идеално да реагира. Не само што тоа ќе го смири детето, туку и ќе му помогне да ја согледа ситуацијата потрезвено.
9. Повторувањето е клуч на успехот
Можете да го убедите детето да повторува како би требало да се однесува во некоја ситуација така што со него ќе одглумите одредени ситуации.
Разговорот однапред за потенцијално проблематичните ситуации пред да се случат може да го подготви детето соодветно да изреагира.
Само внимавајте кога давате совети. Наместо да му нудите готови решенија, подобро поттикнете го на размислување и промена на непримерното однесување преку поставување прецизни прашања. Треба да му дозволите на детето само да заклучи која реакција е најсоодветна.
10. Пофалете го напредокот
Конечно, децата подобро учат како да се однесуваат ако ги пофалиме кога нешто добро ќе направат. Ставете им до знаење дека сте забележале кога ги контролирале емоциите и кога изреагирале како што треба. Фактот дека сте забележале ќе значи многу за вашиот однос, а пофалбата ќе биде поттик за идно примерно однесување.