Воспитување

10 реченици со кои ќе им помогнете на децата да се справат со празничните разочарувања

Иако никој не знае со сигурност какви ќе бидат следните неколку месеци, една работа е практично сигурна: празниците оваа година ќе бидат различни од претходните. Со сите промени на кои требаше да се приспособат нашите деца оваа година, промените и во празничната магија за некои од нив ќе бидат преголем товар. Па затоа родителите може да изградат модел на позитивност за да им помогнат на децата да се приспособат на новата ситуација и да ги дискутираат промените во оваа празнична сезона. За тоа ќе ви бидат од помош 10 реченици:

1. „Што може да сториме за да ја направиме оваа година специјална?“

Кога вашето дете ќе се жали дека не е фер што не може да оди кај баба и дедо, или што празниците нема да бидат исти без училишна празнична забава, обидете се да му помогнете да го идентификува она што е важно за него, а сè уште може да го прави. Оваа активност може да биде нешто што му е омилено, а е изводливо, или нешто ново што секогаш му звучело како нешто забавно.

2. „Кога сум тажен, би ми помогнало ако…“

Чувствата на децата се реални и легитимни, па важно е да им дозволиме да ги чувствуваат. Одличен начин да се изгради отпорност е да им се помогне на децата да идентификуваат како да си помогнат себеси кога се чувствуваат тажни или лути. Користете го овој период за да им помогнете на децата да изградат вештини за смирување кои ќе ги користат и кога ќе пораснат.

3. „Може, наместо тоа, да се обидеме со…“

Помогнете му на детето да најде активности за замена кои ќе го имаат приближно истиот ефект согласно традициите што треба да ги избегнете оваа година. Иако можеби нема да се сретнете со Дедо Мраз во трговскиот центар, можете заедно да му напишете писмо. Иако не можете да се соберете заедно дома со роднините, можете да организирате видеоповик и да играте сите заедно некоја друштвена игра или да си ги покажувате подароците. Поттикнете ја креативноста и најдете начин за замена на омилените активности.

4. „Знаеш што можеме конечно да правиме оваа година?“

Знаеме дека празниците се стресен период, а сигурно има нешто што вашето дете отсекогаш сакало да го направи, но не сте имале доволно време за тоа. Можеби седење во пижами цел ден бидејќи нема да имате гости, или правење празнична торта, или читање празнични приказни цел ден. Ова е годината кога треба да се поврзете и да уживате во ваквите активности.

5. „Бидејќи оваа година е различна, имам специјална работа за тебе…“

Празниците нека бидат шанса детето да ви стане специјален помошник. Ако роднините досега ви помагале во подготовката на семејната вечера, ова е одлична година да го научите детето да подготви специјален оброк самото или, пак, да ви помогне во нешто покомплицирано. Оваа година можеби ќе му дозволите да ги намести украсите, а секако никој нема да дојде на гости за да ви суди за декорациите.

6. „Ајде да мислиме за начините на кои нашето семејство е среќно оваа година“

2020 е тешка година и сите се откажавме од многу работи и се приспособивме на нов начин на живот. Без разлика колку светот се промени годинава, сепак, има начини на кои нашите семејства се среќни. Најважно е да останете здрави, па ако е така, прославете го тој факт. Сè уште имате работа, имате дополнително време за да бидете заедно и слично – сето ова се нешта на кои треба да се радувате и да бидете благодарни.

7. „Што можеме да направиме за да му помогнеме на друго семејство?“

Дел од отпорноста и позитивноста е обликување на мислите. Наместо да се фокусирате на она што не може да го имате, размислете за она што можете да го направите. Можете да зготвите оброк за некого или да купите подароци за семејства што имале потешка година од вас, или пак да подготвите нешто или да им испратите честитки на здравствените работници.

8. „Овие традиции започнале кога некој почнал да ги применува. Ајде да започнеме нова традиција!“

Кога вашето дете се жали на сите традиции и обичаи што ги пропушта, помогнете му да сфати дека секогаш е потребно некој да започне одредена активност за таа да премине во традиција. Смислете нешто што можете да го правите оваа, но и следните години – учење нов рецепт, правење колачиња за целото семејство, пишување празнична приказна, фотографирање и слично.

9. „Ајде да направиме листа со работи што ќе ги правиме кога ова ќе заврши“

Започнете листа со оние работи што му се важни на детето и планирајте да ги реализирате кога ќе биде безбедно. Вклучете го сето она што е забавно за детето, а сега не може да го прави. Одење на одмор, одење кај бабите и дедовците, одење во шопинг – сè што сакате. Зачувајте ја листата и откако семејството ќе може да ги оствари тие работи, реализирајте ги!

10. „Знам дека е фрустрирачко што не можеме да…“

Конечно, запомнете дека е во ред да покажете емпатија кон вашето дете и да признаете дека оваа година не беше праведна кон сите нас. Помогнете им на децата да сфатат дека сте тука за нив – сознанието дека луѓето се грижат за вас и ви ги почитуваат чувствата е најважно нешто за поставување на нов ментален склоп и начин на размислување, а сето тоа ќе помогне во справувањето со сите предизвици. Оваа празнична сезона сигурно ќе биде уникатна, но тоа не значи дека ќе биде лошо.

Користете ги овие фрази за да ви помогнат и вам и на децата во справување со сите промени, но и покрај нив да уживате и да ги цените скапоцените моменти поминати заедно.

Автор: Стејси Поздол

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top