Ако твојот партнер првпат станал татко, неговиот живот ќе се промени на неколку возбудливи и изненадувачки начини. Приспособувањето на новите очекувања и одговорности може да биде тешко, но не грижете се – секој нов почеток е тежок. Ова се неколку совети што би можеле да ја олеснат улогата на татко:

Понекогаш ќе помислите дека сте направиле огромна грешка

Нормално е одвреме-навреме потајно да се прашувате зошто воопшто сте се одлучиле за дете во тој момент. Дали сте подготвени за таа улога? Простете си ги овие повремени сомнежи, тие моменти и така се краткорочни. Набрзо ќе размислувате сосема поинаку и ќе се прашувате: „Зошто порано немавме дете?“

Бебе + патување = неред кој не бил очекуван

За повеќето нови родители застрашувачка е идејата за патување со малечко дете, но, всушност, се работи за најдоброто можно време за патување. Од 3 месеци, сè што ви треба за да го забавувате бебето е дојка или шишенце со млеко. Исто така, на вашето бебе му е апсолутно сеедно каде се наоѓате, па затоа, без страв, патувањето со бебе не е толку стресно колку што мислите.

Би било добро да инвестирате во рачна правосмукалка

Многу време ќе поминувате во чистење на работите од подот. На почетокот ќе го правите тоа само со телесните течности, како лигите, урината и слично, но потоа ќе се забавувате со кашички, овошје, зеленчук, грицки. Подоцна, оваа листа ќе вклучува и светки, заборавена храна која сама ќе се создаде од некаде и сè што малите рачиња можат да здробат. Големите правосмукалки не се пријатни за носење наоколу 4 пати на ден и затоа една мала, рачна правосмукалка е одлична инвестиција.

Драги татковци, целосно е прифатливо понекогаш да купите готов оброк. Не морате да се чувствувате лошо за тоа.

Однесувајте се како возрасна личност

Една од најтажните глетки е родител и мало дете како си викаат еден на друг. Децата се непресушен извор на веселба, но само тогаш кога не се непресушен извор на фрустрации. Дишете длабоко и немојте да си дозволите да се спуштите на нивото на своето дете во „најлошо издание“ со испади на бес. Двегодишните деца имаат право да се однесуваат како деца, а вие немате.

Прифатете ја помошта околу децата

Постои доста големо временско растојание помеѓу периодот кога детето е подготвено да остане само со некого и периодот кога родителите се подготвени да го остават детето со некого. Заморот и фрустрацијата се во кумулативен однос и потребна ви е пауза пред да сфатите дека ви е потребна. Вашата партнерка би можела да протестира, но дајте сè од себе да ја наговорите на краток состанок, односно на време кое ќе го поминете само вие двајца. Сè изгледа многу полесно изводливо и повесело по добар оброк и чаша вино.

Позајмените и користени предмети се повеќе од добредојдени

Користената опрема е подобра за вашиот паричник, но и за зачувување на животната средина, па не морате да се двоумите околу тоа дали можете да употребите некои користени предмети, особено ако се добро зачувани, кога се работи, на пример, за облека која бебето и така ќе ја надрасне за многу кратко време.

Одвојте време и за другите односи во својот живот

Не само што е важно детето да знае дека не постои тука само за да ги задоволувате неговите потреби, туку и го учите на важна лекција за тоа како изгледа еден исполнет и задоволувачки живот. Ако детето ве гледа во улога на добар пријател и посветен и лојален партнер, тоа учи што значат тие работи.

Не постои такво нешто како „премногу марамчиња“

Она што секој татко треба да го знае – влажни марамчиња е секогаш добро да се имаат при рака, особено затоа што не служат само за бришење на детскиот задник.

Не сте заменска мајка, вие сте татко

Запомнете, еднакви сте во улогите на родители, и вие како татко и мајката. Вие не ги чувате децата, вие се грижите за нив. Бидете информирани, вклучени и активни во својата улога на татко, бидете добри во тимската работа заедно со мајката и немојте никогаш да дозволите некој друг да ви го зборува спротивното. Вие не сте спореден објект во животот на детето и затоа, искористете го своето право во одгледувањето на детето најдобро што можете.

Автор: ЏД Роберто

Извор



912

X