Отсекогаш знаев дека ќе бидам мајка на момчиња. Иако се надевав дека едно девојче ќе пристигне меѓу нив, не било судено. Секое од моите момчиња е различно. Сепак, тие треба да ги слушнат истите работи од мојот сопруг и од мене.

Иако зборовите се мали, нивното влијание е многу важно. Отпечатокот од детството се пренесува во тоа како нашите синови се чувствуваат во врска со себе и комуницираат со другите во зрелоста. Нивната самодоверба ќе влијае врз сè, од нивните врски и кариери до нивната способност да се справат со неволјите и да направат избор за здрав начин на живот.

Ова се десет мали нешта што секое малечко момче треба да ги слушне од своите родители:

„Ти си прекрасен“

Кога е ценето од луѓето кои најмногу ги сака и сака да им угоди, детето блеска.

„Храбар си“

Посочувањето кога детето било храбро, дури и кога правело нешто мало, како што е кратење на косата или одење на стоматолог, ќе му помогне многу кога ќе се чувствува исплашено и само. Ќе се сети дека верувате во него и ќе верува во себе кога тоа ќе му треба најмногу.

„Можеш да го направиш тоа!“

Овие зборови ја зголемуваат неговата самодоверба, па детето ќе вложи напор во она што треба да го научи, да го постигне, да се обиде или повторно да продолжи.

„Можеш да ми кажеш што било“

Овие зборови го потсетуваат дека е емотивно безбеден со вас и може да ви верува со своите мисли и чувства.

„Жал ми е/извини“

Момчињата треба да ги слушнат нивните родители како се извинуваат кога кажале нешто што не го мислеле или кога изразиле фрустрација на лош начин. Вашето дете ќе ве пресликува, вие сте му примерот по кој се води. Ако препознаете кога сте ја преминале границата и се извините за стореното или кажаното – и вашето дете ќе научи да го прави истото.

„Се случуваат грешки“

Ова го учи детето дека е во ред да се обиде и да не успее. Така учиме, а совршенството не е целта. Наместо тоа, можеме да научиме да преземеме одговорност и да научиме, на пример, каде се хартиените крпи за да исчистиме зад себе!

„Во ред е да плачеш“

Момчето мора да знае дека сите ние имаме емоции, вклучувајќи среќа и тага, лутина и страв, а понекогаш една од нашите емоции предизвикува и потреба за плачење. И тоа е во ред! Тоа е нормално и природно и е начин да ни помогне да се чувствуваме подобро.

„Се гордеам со тебе“

Оваа фраза секое момче треба да ја слушне. Не е важен вашиот избор на зборови. Она што е важно е како изразувате гордост кон вашиот син, за неговата личност, каков што е. Тој сака да ве направи горди толку многу, што ќе продолжи да се обидува во тоа цел живот, освен ако не почувствува дека не е прифатен и не се откаже од обидот.

„Секогаш ќе бидам тука за тебе“

Ова не е физичко ветување. Значи повеќе од тоа, а малото момче можеби сè уште нема да го разбира, но ќе се сети дека сте го кажале. Ова е изјава за психолошка безбедност. Без разлика на динамиката помеѓу родителите или условите за живеење, ако го кажете тоа, навистина мислете го и одржете го зборот.

„Те сакам (без разлика на сè)“

Кажете го и покажете го ова. Можеби го кажувате почесто и мислите дека е примено и разбрано од страна на детето. Сепак, децата можат да се сомневаат во љубовта на родителите кога сметаат или знаат дека ја преминале границата, прекршиле правило или „не успеале“ да ги исполнат вашите очекувања. Значи, кога родителот треба да спроведе последица од однесувањето на детето, од клучно значење е да се каже зошто има последица (да се заштити, спречи итн.) и дека неговото однесување или избор не ја менува вашата љубов кон него.

Автор: Ен Папајоти

Извор



912

X