Пред некој ден една од моите ќерки-тинејџерки ми рече дека ќе го избрише својот профил на „Инстаграм“. Рече дека постојано забележува оти нејзиното расположение и начинот на кој се чувствува во врска со себеси се менуваат секогаш кога ќе се вклучи на социјалната мрежа. Чувствувала притисок за својот изглед и социјален живот, односно не се чувствувала добро во врска со себе секогаш кога користи „Инстаграм“.

Никогаш не им забранував на моите три деца да користат социјални медиуми. Да бидеме реални, тоа е нашата иднина. Јас ја прифаќам промената и ги учам моите дека дека со добро расудување и дискреција можеме да уживаме во сето она што ни го дава животот (вклучувајќи ја и технологијата). Ја набљудувам нивната употреба, го ограничувам времето што го поминуваат онлајн и секогаш им го одржувам истиот говор: „Бидете внимателни со…“ Сепак, некогаш согледувам дека тој говор не е доволен.

Додека моите ќерки се многу самоуверени девојчиња, тинејџерските години сепак се многу деликатни и неочекуваните епизоди во нивните животи некогаш може да предизвикаат  да се разниша самодовербата. Од неуспех на тест, одбивање од врсниците или зголемување на тежината, како и поголеми животни настани, на пример, селење на ново место – сите овие работи може да ги направат ранливи.

Во годините кога работев со жени што имаат повеќе нарушувања во менталното здравје научив дека ако им помогнеме на нашите ќерки порано во однос на развојот на здрави начини за справување со животните промени, тогаш ќе им помогнеме и да еволуираат во помоќни жени полни со самодоверба. Психотерапијата често се смета за лек поради ефектите од самиот начин на кој го изразувате она што го чувствувате. Затоа, најдобро е да почнете да разговарате со вашите ќерки-тинејџерки. Слушајте ги, почитувајте ги нивните мислења и охрабрувајте го нивното изразување. Иако треба да се бориме со медиумите, социјалните мрежи и негативноста на луѓето од околината, сепак сè уште имаме големо влијание врз животите на нашите деца, па затоа подобро е да го искористиме тоа влијание. Да им помогнеме на девојчињата да ја преземат контролата над своите животи и да чувствуваат дека имаат моќ да променат нешто што не им се допаѓа, како и да се прифатат такви какви што се. Ова се 10 нешта на кои секогаш ги потсетувам моите ќерки:

1. Во ред е да се чувствувате ранливо

Му се случува на секого, иако некој не го признава тоа. Ако се чувствувате лошо за нешто, прашајте, прочитајте, побарајте помош. Не е важно колку мал или голем е проблемот.

2. Бидете храбри

Секогаш осмелувајте се да го кажувате и да го правите она што сметате дека е правилно. Не плашете се да го изразите мислењето. Научете кога и како да кажете „не“ и не чувствувајте се лошо поради тоа. Бидете наметливи, но не и агресивни.

3. Грижете се за себе

Вежбајте и хранете се здраво, не затоа што треба да бидете слаби туку затоа што вашето тело е местото каде што живеете и треба да го третирате најдобро што можете.

4. Почитувајте се себеси

Никогаш не кажувајте си себеси нешто што не би сакале да му го кажете на најдобриот пријател.

5. Никогаш не чувствувајте се лошо за нешто што не можете да го промените

Учете од искуствата и продолжете понатаму.

6. Носете ги сопствените одлуки – пред да ги донесе некој друг

Запомнете дека секоја одлука што ја правите има големо влијание врз вашиот живот.

7. Она што го гледате во списанијата и на интернет не е секогаш реално

Фотошопот постои, не заборавајте го тоа.

8. Заборавете на тоа што мислат луѓето за вас

Што мислите вие за себе? Тоа е она што е најважно.

9. Бидете благодарни, смирени и сочувствувајте со другите

Бидете отворени кон туѓите размислувања. Секогаш има нешто ново што можете да го научите.

10. Кога луѓето ви велат „животот е тежок“, не слушајте ги!

Животот ви дава можности да учите – она што ќе го искористите е она што го прави животот прекрасен.

Автор: Лисет Леон



912

X