Воспитување

10 работи што би сакала моето девојче да ги има на ум

Без многу филозофија и големи зборови, ајде да ги научиме девојчињата на следното:

1. Убава си. И многу повеќе од тоа. Иако ќе ти се чини дека те набљудуваат најмногу преку физичкиот изглед, имај на ум дека си многу повеќе од нос, усни и гради.

2. Имаш право на „не“. И нема никој помалку да те сака, нема да бидеш помалку вредна и нема да останеш без некого затоа што се осмелуваш да кажеш „не“. „Не“ е твој штит, твое оружје во борба со светот кој не сака „не“, твојата непробојна наметка.

3. Љубовта не боли. Совет за мајките и татковците: Кажувајте им го тоа на вашите девојчиња често, покажете им со свој пример, не дозволувајте им да мислат дека е во ред да ги боли. Никогаш не е.

4. Тоа што плачеш не значи дека си слаба, тоа значи дека не ги задржуваш чувствата во себе. Погрешно е што мажите ги учат дека се слаби ако плачат. Не е погрешно да се плаче.

5. Не можеш и не мораш сè сама. Погрешно нè учат својата имагинарна моќ да ја покажуваме со тоа што ќе можеме сè самите. Тоа лесно ќе нè доведе да не можеме повеќе ништо, здравствено. Согласи се на помош, потпри се, воздивни, подели ги обврските и одговорностите.

6. Мажите не се непријатели. Феминизмот не е движење кој ја негира улогата на мажот во животот на секоја жена. Мажите може да бидат и се одлични партнери, пријатели, поддршка. Како и меѓу жените, има секакви од двата пола.

7. Можеш да бидеш што сакаш. Без разлика што тоа на другите нема да им се допадне. Без разлика што тоа не се вклопува во сликата за твојата иднина која ја имаат твоите родители. Без разлика на тоа што изгледа невозможно. Ако ти знаеш и чувствуваш дека тоа е тоа, бори се за него.

8. Имаш право на грешки. Ова би го ставила на билборд. Грешките не значат дека си готова. Грешките не значат дека си лоша. Грешките не значат дека треба да се откажеш (а понекогаш и тоа значат, процени). Грешката значи дека си пробала. Дека си добила шанса да научиш. Дека можеби тоа не е твојот пат. Грешката е во ред.

9. Извини, но ќе боли. Многу работи во животот ќе те болат. Некогаш ќе ти изгледа дека не можеш повеќе. Некогаш ќе сакаш да се откажеш. Тогаш на ред доаѓа силата на односите што си ги создавала, силата на твојата волја, твоето ментално здравје во кое мораш да вложуваш. Ќе боли. Но знаеш што, малечка, ќе помине. Ветувам. Ако боли долго – немој да се срамиш да побараш помош. Сети се. Не мораш сè да правиш сама.

10. Родителите не се секогаш во право. Го пишувам ова како родител, но и како ќерка. Очекувањата на родителите знаат да бидат ужасен тест. Спушти ги. Амбициите на родителите знаат да бидат страшен товар. Спушти го. Нивната зависност од тебе знае да биде ненормален товар. Спушти го. Ти не си одговорна за тоа како твоите родители ќе се чувствуваат. Во секој момент тие се одговорни за тебе. Не обратно.

И бонус совет:

– Сакај, малечка. Сè додека љубовта те води, ќе има и светлина. Немој да заборавиш да им се јавуваш на родителите, на своите пријатели, да им кажеш дека ги сакаш. Сакај се себеси. Сакај го она што го правиш. Сакај го она што го јадеш. Сакај го сето она кон кое одиш. И зборувај наглас за сето она што го сакаш. Љубовта нека ги влече работите напред.

Автор: Бранкица Раковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top