Пред вас е листа со 10 особини на добрите мајки:

1. Добрите мајки секогаш го гледаат доброто во своите деца. Внимавајте, тоа не значи дека секогаш им се допаѓа како се однесуваат нивните деца. Тоа значи дека и ако детето направи нешто лошо, нивното срце ја одбива помислата, односно идејата дека детето е безобразно или родено со лош карактер. Добрите мајки веруваат дека нивното дете е способно да стане добар човек и благородна личност, само на патот на растењето често греши бидејќи е малечко, не знае, не е во состојба, има вообичаени човечки слабости итн.

2. Добрите мајки се посветени и проблемите во развојот на своето дете ги поставуваат високо на листата со приоритети. Кога ќе забележат некое негативно однесување кај своите деца (лажење, потреба да се тепаат, инает, љубомора и сл.), тие не се задоволуваат со тоа што набрзина ќе го критикуваат детето и потоа ќе го остават да го понесе секојдневието. Сосема спротивно, тие ги вклучуваат сите свои аларми, прашуваат други луѓе, размислуваат за причините… Тоа им станува важна задача по чие решение активно трагаат. Темелно го применуваат она што го чуле како совет, не бараат изговори, истражуваат подолг временски период за новиот начин на однесување и подготвени се по потреба да менуваат тактики. Сè на сè, проблемите што ќе се јават не ги ставаат под килим, туку активно и посветено ги решаваат.

3. Добрите мајки ги почитуваат физиолошките потреби и кога тоа не им е пријатно и лесно. Имено, овие жени не го занемаруваат фактот дека детето треба да си легне навреме, го почитуваат дневниот ритам на оброците, водат сметка за тоа детето да престојува на воздух, да се истрча…

4. Добрите мајки не го држат детето само до себе и за себе. Тие не му ја скратуваат љубовта од другите луѓе, од страв дека тоа повеќе ќе ги сака и слично. Тие го прават сосема спротивното, развиваат однос помеѓу детето и таткото, детето и бабата и дедото, но не само своите родители, туку и од сопругот. Тие се радуваат ако нивното дете има повеќе луѓе што го сакат и му даваат љубов, бидејќи знаат дека од тоа детските срца растат и дека така детето, со што поголем број топли социјални контакти, станува подобра личност. Овие мајки се доволно зрели како личности за да не се однесуваат посесивно.

Добрите мајки секогаш го гледаат доброто во своите деца

5. Добрите мајки прават сè што треба за нивното дете да биде независно и самостојно. Имаат трпение додека детето вежба нови однесувања и што е уште потешко, имаат храброст на детето да му дозволат само да извршува активности. Да, за тоа е потребна храброст, бидејќи кога детето е самостојно, тогаш функцијата на мајката се гаси, мајката е помалку потребна. Добрите мајки се подготвени на тоа. Тие знаат дека детето не е нивно сопствеништво. Својата родителска функција ја сфаќаат како улога која со љубов, доброволно му ја даваат на детето во една фаза од својот живот. Тие знаат дека на детето му се наоѓаат привремено, да му бидат на услуга, да му дадат крилја и дека кога периодот за потреба од родителска помош и поддршка ќе помине, тие имаат задача ширум да му ја отворат вратата и да му посакаат среќа.

6. Добрите мајки се строги, одлучни и доследни кога е во прашање дисциплината. Знаат дека јасните правила се примарна потреба на детето и не се двоумат да бидат „баба рога“ кога тоа е за доброто на детето.

7. Добрите мајки знаат дека своите деца не ги спремаат за бајки, туку за реален живот, а тоа значи дека ги навикнуваат децата на работа, на тешкотии, на непријатни социјални искуства со различни личности. Добрите мајки ги изложуваат децата на сите непријатности што се потребни за детето да се оспособи за реален живот надвор од топлото семејно гнездо.

8. Добрите мајки се во состојба да го прифатат своето дете такво какво што е. Тие го сакаат своето дете без разлика на неговите интелектуални способности, без разлика на физичкиот изглед, не се срамат од срамежливоста на детето. Тие го сакаат детето такво какво што го родиле.

9. Добрите мајки се блиски со своите деца, тие ги разбираат и знаат како се чувствуваат.

10. Добрите мајки добро се грижат и за себе. Тие не се ничии жртви. Тие се одговорни лица кои донесуваат одлуки, кои управуваат со своите животи онолку колку што им е дадено. Не се жалат, не им ја префрлаат одговорноста на другите, на сопругот, на државата… Овие жени се добар пример за своите деца, тие се инспирација, тие се модел кој децата го гледаат и во кој со текот на времето се претвораат.

Ако сте задоволни со себе во врска со оваа тема, браво за вас!

Но, ако сте уочиле некои од своите грешки, не грижете се, не  омаловажувајте се и не презирајте се нарекувајќи се „недоволно добра“. Родителството се учи, важно е да се стремите кон тоа, кон погоре споменатите вредности, важно е да бидете отворени за учење и промени. Никој не знае сè на почетокот и никој уште не бил родител, а да не му згрешил на своето дете, кое го сака најмногу на светот!

Само нежно кон себеси!

Се радувам кога помагам!

Автор: Билјана Грбовиќ



912

X