Никнувањето на првите запчиња е една од незаборавните пресвртници во првата година од животот на вашето бебе. Обично првите запчиња се појавуваат меѓу четвртиот и осмиот месец, но на тоа најмногу влијае генетиката. Ако вие или вашиот партнер подоцна сте добиле запчиња, голема е веројатноста во исто време да ги добие и вашето бебе.

Болката предизвикана од никнувањето на запчињата варира од бебе до бебе: додека некои се вознемирени и раздразливи поради непријатното отекување и чувствителноста на непцата, кај други тоа нема никакво влијание, па родителите одеднаш ќе забележат дека нешто се белее во устата на бебето.

Се обидовме на едно место да направиме список со симптоми при растењето на запчињата, а и со проверени начини како да им помогнете на вашите деца кога симптомите ќе им станат непријатни.

Симптоми на излегување на запчињата
Најчести симптоми се:
* Лигавење
* Кашлање
* Симптоми како при настинка
* Благо покачена температура
* Лошо спиење
* Исип на брадата
* Триење на образите и тегнење на увото
* Гризење
* Дијареја

 

Еве 9 начини на ги ублажите болките

Студена ракавица за бањање

Чиста ракавица потопете ја во студена вода и оставете ја во фрижидер 30 минути. Многу студената, рапава ракавица претставува големо олеснување, а и забава за бебињата на кои им никнуваат запчиња. Задолжително исперете ја пред употреба иако е нова. Ракавицата е подобра алтернатива од гумените или пластичните прстени, кои можат да пукнат и течноста од нив да се излее додека бебето ги гризе.

Чисти прсти

Децата најмногу сакаат да ги гризат прстите на своите родители бидејќи тоа им создава доволен контрапритисок на отечените непца. Меѓутоа, водете сметка дека иако вашето бебе нема заби, неговото непце може да ви ја оштети кожата! Не дозволувајте бебето да се занесе во гризењето бидејќи може да добиете ранички на рацете!

Гел за непца

Гелот придонесува за мало олеснување на мекото непце на бебињата постари од два месеца. Тој е одлично решение за бебињата што многу се мачат со запчињата затоа што содржи активни состојки кои го анестезираат делот каде што се нанесува.

Двопек

Двопекот е добар само за бебињата што се доволно стари да јадат цврста храна. Тој е сув и крцкав и создава притисок врз отечените непца на бебето, што му предизвикува олеснување.

Студена храна

Студената храна е вкусна и им обезбедува олеснување на децата кога им никнуваат запчиња. Ако вашето дете не е доволно возрасно да џвака домашно смрзнати коцки од овошје, добро разладете го овошјето и нахранете го.

Масажа на воспалените непца

Со чист прст или со задниот дел од разладена лажичка тријте му ги воспалените непца на бебето додека не создадете доволен притисок што ќе ја намали болката што ја чувствува.

Чистење со газа

Непцата од кои никнуваат запчињата се многу чувствителни и обидот да им ги исчистите може да го вознемири бебето. Наместо четкичка која може да ги боцка воспалените точки, користете мека газа. На тој начин запчињата ќе останат бисерно бели, а вие нема да ги допирате воспалените меки непца.

Галење

Не треба да ја потценувате моќта на галењето и на нежностите кога е во прашање детската борба со болките. Понекогаш малку повеќе внимание, нежност и љубов и неколку посебни игри се доволни за бебето да ја надмине напнатоста.

Парацетамол

Ако вашето бебе трпи големи болки, размислете за лекови кои ќе ја намалат болката и ќе го олеснат излегувањето на запчињата. Пред тоа задолжително консултирајте се со лекар или фармацевт.

 



912

X