Породилното отсуство често е спас за повеќето мајки. Успевате да се подготвите за бебето пред неговото раѓање и потоа да ја фокусирате целата своја енергија за зближување во првите месеци од неговиот живот, со сигурност дека ве чека работа еднаш кога породилното ќе заврши. Но, како што породилното отсуство се доближува до крајот, така може да се појават разни мисли и прашања.

Дали сум подготвена за враќање на работа?

Кога ќе почне породилното отсуство, изгледа како да имате време за сè, но не постои ништо слично на константната грижа за бебето и непроспиените ноќи, поради што тоа време пролетува за миг. Одеднаш се соочувате со реалноста дека морате да го препуштите бебето на некој друг за да се вратите на работа и сосема е нормално да се прашувате дали всушност ментално и физички сте подготвени за враќање на работа. Можеби сепак ви треба уште малку време?

Како ќе постигнам сè?

Враќањето на работа нема да биде исто како порано. Сега е тука уште едно мало лице кое наутро треба да се подготви, да се храни во текот на ноќта и денот, да се разбуди и да се успие. Почнувате да се грижите што ќе направите ако вашето дете се разболи во текот на работниот ден, како ќе постигнете да ги завршите сите други обврски покрај работата и детето и многу помалкуте часови поминати дома. Дури и со голема помош на партнерот, се прашувате како и кога ќе успеете сè да постигнете.

Можам ли сè уште да ја извршувам работата?

Кога не работите повеќе од една година, можете да почнете да се сомневате во своите способности и дали ќе можете да продолжите таму каде што застанавте. Пред да станете мајка, сте биле фокусирани само на тоа и не сте имале никој што зависи од вас, а сега вашиот живот е сосема различен. Ако се враќате на работа на половина работно време, би можеле да се прашувате како тоа ќе влијае врз вашите обврски и работни односи. И што сè се променило откако последен пат сте работеле? Ви изгледа како со години да не сте биле на своето работно место.

Можеби сакам нова кариера

Со оглед на тоа дека некое време не сте ја работеле својата работа, би можеле да се запрашате дали тоа е нешто што навистина сакате да го работите или ќе сфатите дека воопшто не сакате да се занимавате со тоа. Можеби во меѓувреме сте размислувале за вашите вистински страсти или можеби сега сте сфатиле дека е време за промена. Вашите приоритети се промениле и сте сфатиле дека работата треба да биде вредна за времето што го поминувате без вашето дете.

Ви требаат пари

Дури и со платеното отсуство, бебињата може да ве чинат многу, баш како и животот, па почнувате да размислувате за тоа што ќе значи вашиот придонес во семејството и колку ќе ви биле полесно кога ќе се вратите на работа со целосна плата.

Дали вреди?

Еднаш кога ќе почнете да ги гледате трошоците за градинка и да споредувате колку ќе заработите со половина работно време, почнувате да се прашувате дали е вредно за сето тоа? Ако покрај тоа, морате и да патувате подолго до работа и до дома и да се справувате со емоциите на вина бидејќи вашето дете е без вас поголемиот дел од денот, покрај дополнителните обврски во домаќинството – размислувате колку всушност ви се исплати враќањето на работа.

Дали мојата кариера трпела поради породилното отсуство?

Земањето породилно отсуство заради бебето не би смеело да влијае врз кариерата на жените, но, за жал, често токму тоа е проблем. Тоа можеби ќе значи дека ќе пропуштите одредено унапредување или не сте толку важни бидејќи работите на половина работно време. Многу жени по породилното имаат чувство како да се на почетокот од својата кариера, што никако не би смеело да биде случај.

Дали луѓето ќе ме осудуваат?

Можеби сте се одлучиле порано да се вратите на работа, а поголемиот дел од нас се осудувани од околината поради тоа. За жал, постојат уште многу луѓе кои веруваат дека на жената местото ѝ е дома со децата. Можеби имате такви луѓе во семејството или, пак, такви се други мајки што ги познавате, па затоа непотребно сте нервозни околу враќањето на работа.

Јупи! Одмор од монотонија!

Сакате да бидете мајка и не сакате да го оставате своето бебе, но почнувате да замислувате како ќе изгледа пиењето на првото утринско кафе или одењето во тоалет сама. Ќе можете да ги користите двете раце и ќе можете да разговарате без некој да ве прекинува. Всушност, вие сте возбудени што ќе можете да го користите својот мозок за нешто друго освен за мајчинство.

Сакам моите деца да знаат дека не сум само мајка

Се разбира, можеби ќе бидете неодлучни, нервозни и малку возбудени поради враќањето на работа, но исто така сте одлучиле да си докажете себеси дека не сте само мајка. Имате кариера, цели и сакате да бидете најдобар пример за вашето дете, бидејќи работата, покрај родителството, не само што ќе ви помогне финансиски да го поддржувате своето семејство, туку ќе ви помогне и да се поддржувате ментално.

Автор: Ана Шефчек

Извор



912

X