Воспитување

10-годишно момче прави и продава колачи за да собере пари за операција на лицето

Хоакин Нахуел отсекогаш сонувал да стане слаткар. Но, за жал, ова 10-годишно момче од Аргентина доживеало страшна трагедија. Играјќи со својот брат Фабрицио, тој се запалил.

– На мајка ми ѝ беше роденден. Зедовме алкохол и го истуривме на скара – вели момчето. Неговиот брат, исто така, се здоби со изгореници, но помина многу полесно од Хоакин, на кој му изгореа 25 проценти од телото. Најмногу му настрадаа рацете и лицето.

За реконструкција на лицето му требаат четири експандери на кожата. Секој од нив е по цена од 500 долари. Хоакин одлучи да му помогне на семејството да собере пари за неговата операција. Неговиот дедо го научил да прави колачи и пити, па Хоакин го испекол својот прв десерт оваа година. Сега прави крофни, колачи и мафини и ги продава. Фотографиите од неговите вкусни креации ги објавува на „Инстаграм“, каде што го следат над 509.000 луѓе.

Хоакин, во меѓувреме, стана и жртва на сајбер-булинг. Извесен период се повлече од социјалните мрежи, но потоа реши да продолжи да го следи својот сон.

– Решив да продолжам. Нема да дозволам ништо и никој да ми застане на патот до мојот сон, ќе продолжам да се трудам да ја постигнам целта – вели момчето, со совет до оние што минуваат низ истото како него: – Борете се за она што го сакате, не дозволувајте ништо и никој да ве спречи да ги остварите вашите соништа и инвалидитетот нека не ве прави ниту помал ниту поголем од другите луѓе.

Извор

Поврзани написи

To top