Бебињата се прекрасни мали суштества кои бараат целосно внимание и грижа, но некои појави понекогаш ги загрижуваат родителите, иако се сосема вообичаени.

1. Се штрекам

Да, тоа навистина може да изгледа необично, но нема место за грижа. Мајките креваат паника кога нивното бебе ќе направи нагло движење, ќе ги преврти очите или кога се штрекнува во сонот. Сето тоа е последица на незрелоста на нервниот систем, која обично исчезнува околу шестиот месец од животот. Се разбира, тоа не значи дека развојот на нервниот систем завршил, туку дека детето почнува да прави волни наместо рефлексни движења.

2. Мојот внатрешен топломер не е особено ефикасен

Новородените бебиња не можат да ја регулираат температурата на своето тело бидејќи нивната терморегулација сѐ уште не функционира како што треба. Во првите месец-два треба да водите сметка за тоа дали на бебето му е топло или студено и согласно тоа, да преземете одредени мерки. За среќа, телото на новороденчето има околу 15 проценти масно ткиво, така што на извесен начин тоа е заштитено од губење топлина.

3. Многу сум чувствително на губење течности и многу лесно можам да дехидрирам

Телото на возрасен човек се состои од 52 до 65 отсто вода, додека тој процент кај бебињата е значително повисок – до 75-85 отсто. Меѓутоа, освен што организмот на бебињата содржи висок процент на вода, тие можат многу побрзо да дехидрираат од возрасните. Зошто? Затоа што процесот на размена на материи (метаболизмот) во нивниот организам е дури четири пати побрз отколку кај возрасен човек и тие дишат многу побрзо.

4. Приближете се, сѐ уште не можам да гледам надалеку

Бебињата на почетокот не гледаат подалеку од вашето лице, дури и кога ќе им се доближите многу блиску. Со текот на времето очните јаболка на вашето бебе ќе се наместат како што треба, рожницата ќе „созрее“, па и неговото видно поле ќе се прошири.

5. Често икам, но не ме боли

Повеќето бебиња почнуваат да икаат уште во мајчиниот стомак. Ова се случува како последица на спазам на дијафрагмата, која на таков начин почнува да ги „подготвува“ малите дробови за дишење. Зачестеното икање продолжува уште неколку месеци по раѓањето бидејќи дијафрагмата сѐ уште не е способна целосно да го контролира протокот на воздухот. Не грижете се, икањето не е непријатна појава за бебето, туку е појава што го ослободува од вишокот воздух.

6. Знам дека сум досаден бидејќи мора да јадам на секои два-три часа

Малото бебе постојано е гладно и мајките главно имаат чувство дека не работат ништо друго освен што го дојат бебето или подготвуваат адаптирано млеко. Тоа ќе трае сѐ додека не се прошири нивниот мал желудник за да може да прифати поголемо количество храна која подолго ќе ги држи сити. За споредба, желудникот на бебето е педесет пати помал од желудникот на возрасен човек. Околу првиот роденден тој ќе достигне една третина од својата конечна големина.

7. Моите обравчиња се дебелки, но не за штипење

За правилно да дишат, обравчињата на бебето се „поставени“ со слоеви масно ткиво, што ги прави сите бебиња неодоливо слатки. „Задача“ на ова масно ткиво е да ѝ помогне на вилицата да се движи при цицањето, додека бебето не научи правилно да го движи јазикот и да голта.

8. Ушите ми се малку наклапушени

За мајките ова е особено чувствително прашање. Меките и еластични ушиња на бебето се наклапушени и сите мајки се плашат дека такви ќе останат. Некои мајки им ставаат и капчиња на бебињата, иако надвор е жешко, само за да ја избегнат „катастрофата“. Нема причина за паника бидејќи по неколку недели ушите на бебето ќе станат поцврсти и сами ќе се наместат на вистинското место.

9. На моите колкчиња им треба време целосно да се развијат

Кај новородените бебиња чашката на бедрената коска не е направена од коскено ткиво, туку од ‘рскавица. Затоа е многу важно бебето правилно да се повива, односно да се користи таканаречениот „широк повој“ во првите неколку месеци за да се спречи испаѓање на чашката од бедрената коска од лежиштето. Контролата на колковите кај ортопед е задолжителна во првите три месеци од животот на бебето.

10. На моето главче има неколку „дупки“

Секое новородено дете на главчето има фонтанели – места на кои коските од черепот сѐ уште не се споени. Природата не дозволува да се спојат овие коски заради безбедно поминување на главата на бебето низ родилниот канал. По неколку месеци од раѓањето тие почнуваат да се спојуваат, а овој процес завршува околу првиот роденден.

 



912

X