Писмото, кое е наречено „10 бебешки заповеди“, постои со години. Иако не е познато кој е автор на прекрасното писмо, сепак, постојано се споделува и се чита одново и одново, и тоа поради добра причина. Писмото овозможува единствена перспектива на новороденчето и ги потсетува родителите дека првите недели ќе бидат предизвикувачки и тешки, но дека со текот на времето ќе станат полесни и поубави.

„Драги мамо и тато, ве молам да го сочувате ова писмо за да можете повторно и повторно да го прочитате кога работите нема да бидат толку лесни и кога ќе се чувствувате исцрпени.“

Во писмото понатаму се споменува дека не би смееле да имаме преголеми очекувања од своите новородени бебиња, но ни од себе. „Дајте си себеси и мене 6 недели како роденденски подарок, 6 недели за мене за да растам, да се развивам, да станам позрело, постабилно и попредвидливо – 6 недели за вас за да се одморите и опуштите и да му дозволите на своето тело да се врати во нормала.“

Тие први недели навистина се тешки. Дури и кога родителите имаат бебе кое многу спие и ретко плаче, новата улога на родител бара приспособување кое заслужува да се подигне споменик. А, кога родителите имаат бебе кое повеќе бара, тие први недели навистина може да бидат исцрпувачки.

„Ве молам, простете ми ако многу плачам. Не сум некој тиранин кој бил испратен да ви го загорчи животот. Ве молам, одвојте време за да дознаете кој сум јас, како се разликувам од вас и колку можам да ви дадам.“

Писмото ги потсетува родителите дека грешки секако ќе има, дека не постојат „совршени родители“ и „совршено бебе“.

„Ве молам, запомнете дека сум отпорно и жилаво и дека може да издржам многу природни грешки што ќе ги направите. Доколку се што правите е од љубов, не можам да бидам повредено.“

Последниот дел од писмото се осврнува на една работа која сите родители би требало да ја запомнат, без оглед колку деца имаат или колку години имаат нивните деца, а тоа е да се грижат за себе, за својата исхрана, да одмораат и да вежбаат за да имаат трпение и енергија кога се со своето дете. Исто така, нè потсетува на нашите партнери и на негувањето на нашите односи.

„Ве молам, грижете се за вашиот однос. Што значи поврзаноста со семејството ако не постои семејство со кое би можел да се поврзам.“

И на крајот, писмото нè потсетува дека сè ќе помине и дека не смееме да „заглавиме“ во моментот. Постојат фази и однесувања низ кои децата поминуваат, без разлика на возраста, а кои изгледа како да ќе траат засекогаш.

„Имајте го на ум она најважното. Јас ќе бидам вакво многу краток период од времето, иако сега можеби ви изгледа како засекогаш. Уживајте со мене бидејќи никогаш веќе нема да бидам толку малечко!“

Извор



912

X