Преминот на онлајн-настава, од моментот кога беше најавена таа можност, предизвика незадоволство меѓу родителите и делумно меѓу просветните работници. Неразбирање постои на обете страни, а ќе се обидеме да ја согледаме ситуацијата од агол на учител и родител.
Зошто учителите бараат онлајн-настава?
Пред сè, од страв за своето здравје и за здравјето на своето семејство. Некои родители можеби не веруваат дека вирусот постои. Некои се уверени дека децата не го пренесуваат. Други не се особено совесни, па иако можеби болни, децата и понатаму ги испраќаат на училиште, не грижејќи се за туѓото здравје. Многумина сега ќе прашаат – па што да кажат лекарите, продавачите, фармацевтите? Сите оние што можат да ги ограничат контактите со своите купувачи. А кога прваче ќе ви дојде со маска која му паѓа и во која кашла, а никако не му оди пишувањето на новата буква, вие морате да му пријдете, да ја земете неговата рака и да му покажете како да го држи моливот. Па така, тоа е директен контакт каде што ви помага само скафандер ако детето е преносител. Првачињата често не умеат да си ги врзат врвките, па учителката им помага, а тие можеби тогаш ќе се накашлаат, ќе кивнат. Вакви примери има десетина.
Со 7-годишните деца блискиот контакт е неизбежен, а ако детето е преносител, шансите дека и учителката ќе се зарази се големи. А замислете како ѝ е на воспитувачката која ги пресоблекува децата, ги брише и ги храни.
Зошто родителите се загрижени?
Родителите, природно, се грижат, пред сè, за здравјето и благосостојбата на своите деца. Јасно е дека образованието трпи многу во последнава година, а кога велиме здравје, во последно време мислиме само на коронавирус. Образованието на далечина загрозува некои други аспекти од детското здравје, пред сè, тука се мисли на психолошката состојба на децата кои поминуваат цели денови закотвени за екраните, без контакт со наставниците и пријателите. Друг проблем е фактот дека децата не добиваат ист квалитет на образование и природно е што тоа на родителите им пречи. Дури и наставниците во една анкета го оценија квалитетот на онлајн-наставата со 2, па како тогаш родителите може да бидат воодушевени со тоа што децата добиваат образование за „двојка“? И конечно, а можеби најважно за родителите е прашањето за чување на децата и работата со нив.
Наставниците често го поставуваат прашањето: – Кој ги чува децата по училиште, кое сега трае максимум 2 часа? Нашиот систем со децении е организиран така што децата денот го поминуваат на училиште, додека родителите работат. Некои од нив по училиште доаѓаат дома, ручаат, ги завршуваат домашните задачи, ама тоа повторно значи дека не се баш цел ден препуштени сами на себе. Други на училиште поминуваат цел ден бидејќи ја користат услугата дневен престој, а дома нема кој да се грижи за нив. Родителите ги земаат од училиште можеби дури во 17 часот, кога ќе завршат со работа, надевајќи се дека домашните задачи се квалитетно изработени во дневниот престој и дека следните неколку часа ќе може да ги потрошат на подготовка на вечера и дружење со децата.
Можете ли да им судите поради тоа?
На крајот, онлајн-наставата во нижите одделенија од основното образование, покрај ангажирањето околу чување на децата, од родителите бара и сериозна работа со децата. Бидејќи, 7-годишно дете кое само што почнало да ги учи првите букви, тешко може самостојно да следи онлајн-настава, да вклучи „Зум“, да преземе документ со домашна задача, да го заврши и да го испрати. Родителите, покрај сите обврски што ги имаат, сепак мораат да бидат и учители на децата кои ја следат наставата од дома. Каква и да е конечната одлука, неверојатно е важно учителите и родителите да се обидат да се разберат едни со други и да не дозволат таа одлука да биде уште еден раздор помеѓу нив.
Автор: А. Цвјетиќ
912