Повеќето од нас барем еднаш препишале на тест во училиште или на факултет. Иако можеби не сме украле нешто од продавница или не сме прекршиле некој закон или општествена норма, препишувањето на испити/тестови повеќето од нас го оправдуваат. Зошто е така?
Според анкетата спроведена на нашата веб-страница пред одреден период, 48% од студентите/учениците изјавиле дека не планираат да препишуваат, но би препишувале ако не се подготват навреме, 23% не би препишувале, но немаат против ако другите препишуваат, 19% велат дека за препишувањето нема оправдување, а 10% велат дека би препишувале секогаш кога ќе имаат можност.

Значи, препишувањето е присутно во голема мера. Реченицата „тоа го прават сите“ е горе-долу вистина. Прашањето кое логично се наметнува е зошто е така? Зошто поголемиот дел од учениците се одлучуваат на кршење на правилата и што сето ова ни зборува за образовниот процес, вреднувањето на знаењето и општеството во целина?

– Моето искуство во образованието ми покажува дека препишувањето меѓу учениците почнува да се појавува на околу 9-годишна возраст кога учениците почнуваат да го чувствуваат притисокот од оценувањето. На оваа возраст децата знаат што е погрешно, што е забрането и што не е во ред и ги знаат последиците од ова однесување – вели професорката Марија Трајковска.

Системот на оценување многу зависи од материјалот и од критериумот. Нашиот образовен систем сè повеќе се сведува на усвојување и помнење факти, па оттука произлегува и препишувањето, додава таа.

Наставникот е тој што го одредува начинот на размислување и тестирање, па и тука преовладуваат разлики. Потребно е да се направат измени во наставните програми за да не се насочуваат учениците само кон помнење факти, туку да ја ценат сопствената независност, разбирање и креативност, со што ќе се стимулираат и тие и сите околу нив.

– Сметам дека за појавата на препишување голема улога имаме и ние, наставниците, а и родителите. Кога на родителите им се кажува дека нивните деца препишуваат, тогаш тие се длабоко навредени – сметаат дека тоа е личен атак кон нивното дете и дека наставникот е оној што го предизвикува препишувањето. Овој проблем е многу подлабок отколку што мислиме, а според мене, решението лежи во разговор меѓу родителите, наставниците и учениците – вели професорката Емилија Манивиловска.

Секако, и самите ученици и студенти придонесуваат кон оваа активност. Тие се доведуваат во ситуација да немаат доволно време да научат за оценката што сакаат да ја добијат, така што се одлучуваат да препишуваат.

– Препишувам затоа што можам и најчесто тоа го правам на тестови од предмети кои не ми се интересни и за кои треба да запомнам многу факти – вели еден ученик од осмо одделение.

– Не препишувам често, иако ми се случило да имам „резервни“ ливчиња за време на испитите и колоквиумите. Сепак, мислам дека ова е прилично лоша практика кај учениците, особено кај студентите бидејќи тие се веќе академски граѓани и треба да бидат поодговорни – вели една студентка.

Експертите велат дека причината за препишувањето треба да се бара и во самото општество. Сведоци сме на голем број случаи во кои студентите ги стекнале своите дипломи со препишување или купување и подоцна ги гледаме како извршуваат висока функција. На тој начин им се испраќа порака на децата дека најмногу успеваат оние што лажат и се снаоѓаат – сета оваа социјална неправда влијае врз одлуката за препишување.

– Ако на ученикот му е нанесена неправда, тогаш неговиот систем на вредности може целосно да се промени – вели професорката Марија.

Препишувањето е вистински предизвик за образованието – и во основно, и во средно, и на факултет. Потребно е да им укажеме на учениците дека вистинското знаење, нивната љубопитност и желба за учење се најдобриот рецепт за успех и задоволство.



912

X