Верувам дека пред филозофите да си го постават ова прашање и да се зафатат со потрагата по одговорите, необременети од искуствено знаење – први си го помислија децата. Сигурно многупати сте се нашле затекнати од прашалните размислувања на вашите мали филозофи. И сте биле неподготвени како соговорници – да понудите задоволителен одговор. Претпоставувам дека најчесто во тоа ве спречува природната потреба да ги заштитите своите деца од непријатната страна на реалноста. Но, тие не се надвор од таа реалност и нивниот чист и наивен (прашален) светоглед треба да ни бидe мотив светот да го направиме полесно и подобро место за живеење (барем нашиот околен свет).
Ви споделувам една извонредна сликовница што би ве охрабрила да се обидете и на најкомплицираните прашања да понудите соодветни одговори. Илустрираната книга е со наслов „Зошто сум тука?“ и претставува патување низ мислите на едно дете кое сака да се лоцира себеси во светот. Неговата зачуденост воопшто не е едноставна, а пред секој прашалник како товарен воз се влечат тешки и зрели зборови. За впечатокот да биде уште посилен, неговите дилеми имаат исто толку совршен сликовен приказ. Текстот и илустрациите буквално се римуваат, ете до толку се компатибилни.

Па така, ако ние, возрасните, сме се помириле со несовршенството на светот и со тоа дека тагата е на друго место, на децата не им е јасно и прифатливо, и им е потенцијална состојба во која би се нашле.
Детенцето од сликовницата, симболично, во кајче, плови низ своите сликовни мисли и простори во кои го поставува своето присуство, во потрагата по одговорот на прашањето „Зошто сум тука?“ Но, веднаш потоа ја сопоставува размислата „замисли да бев на некое друго место“. Во тие други места живее реалноста за која слушаме/читаме во вестите, ние, возрасните. Но, таа реалност нашите деца ја сведочат и низ улиците кои се општи места на нашата затапена перцепција.
Детето нема да ги истера мислите што го поставуваат во нечија позиција, на некое друго дете од другата страна на земјата. Некое друго дете кое исто така се прашува зошто е таму; зошто е само во милионски град, зошто е среде војна, зошто е заглавено на непознато место, зошто е бегалец, зошто би морало да работи секој ден до исцрпување (иако е свесно дека е мало за да го прави тоа)…
Во оваа сликовница, во ликот на детето ја препознавам нашата совест и сакам да верувам дека таа е чиста, затоа што е дете. Тука нема да прочитате за стравот, туку за детската љубопитност зошто нештата се такви какви што се и зошто не би можеле да бидат поинакви.
Претпоставувам дека како родители, вашите деца барем неколкупати во текот на денот ве збунуваат со некое логично прашање за некоја ситуација. Затоа сметам дека колку и да ви се чинат ваквите книги тешки за голтнување, не занемарувајте ги и вклучете ги додека вестите на ТВ се на безвучно.



912

X