Токму тие ученици, кои се некаде на средина, стануваат водачи. Бидејќи фокусот им е насочен и кон стекнување знаења и кон меѓучовечки вештини. Прочуена рамнотежа.

Одговорот на ова прашање е едноставен и може да се даде во еден збор: рамнотежа. Рамнотежа на интелигенцијата/талентот и вештините за комуникација.

Живееме во општество во кое петката е сѐ. Поважна е од убавото однесување, манирите, поважна е и од знаењето. На секој чекор можете да сретнете родител кој од своите деца очекува само одличен успех, а не се малку ни оние што не признаваат ништо друго освен 5,00 на крајот на годината. Сѐ што е помалку од тоа се смета за неуспех (родители, веќе се препознавате).

Книшката со сите петки е многу фотогенична

Се разбира, една од причините е и таа што книшката со сите петки може да биде и многу фотогенична, а убава е и за покажување пред роднини, соседи, пријатели. Но, сепак, најважната причина што секој родител го тера на вакви очекувања е таа што верува дека ако детето не биде одличен ученик, нема да биде успешно во животот како неговите другари со одличен успех. Само што тоа не е точно.

За да не нѐ сфатите погрешно – ние веруваме во дисциплина, работа и учење. Ги поттикнуваме децата во своите училници да дадат сѐ од себе и да остварат резултати согласно своите можности. Но тоа и понатаму не значи дека суперодличните ќе станат успешни водачи и бизнисмени.

Дополнително, постои една мала тајна која многумина не ја знаат, а тоа е дека лидерските способности, односно вештини за управување со луѓето имаат многу мала врска со интелектот во онаа класична смисла. Додека најпаметните деца со сите петки можат да дадат огромен придонес во развојот на општеството како научници, инженери или професори, голема е веројатноста дека во таа борба за највисоките оценки не стигнале да ги развијат и меѓучовечките вештини. Тие вештини, во повеќето случаи, многу подобро ги развиваат нивните другари со малку послаб успех (да кажеме, многу добар). Токму тие ученици, кои се некаде на средината, стануваат водачи. Бидејќи фокусот им е насочен и кон стекнување академски и кон стекнување меѓучовечки вештини. Прочуена рамнотежа.

И ова не го измисливме ние, ниту е само резултат на некое наше искуство. Дури и американската војска спровела слично истражување и била изненадена што меѓу нејзините највисоки функционери, генерали кои управуваат со илјадници луѓе и располагаат со буџети кои се мерат во милијарди, најмногу ги има оние што ги нарекуваат B students.

Сите ние имаме барем еден пријател, познајник или ученик кој е исклучително паметен, до таа мера што му е тешко да се поврзе со останатите во своето опкружување. Децата кои имаат успех што се граничи со одличен, но се далеку од „сите петки“, се токму оние деца што научиле да „пливаат“ користејќи комбинација од своите солидни интелектуални способности и емоционалната интелигенција, благодарение на што лесно се вклопуваат, поврзуваат, умеат да покренат група и да мотивираат луѓе.

Вака се воспитуваат успешни деца

Постои и прочуена приказна за богатиот филантроп кој великодушно му помагал на факултетот каде што дипломирал, а кој во една пригода му рекол на деканот: „Водете сметка за вашите врвни студенти. Тие еден ден ќе станат професори. Но, посебно водете сметка за оние што се малку послаби, тие еден ден ќе станат ваши најголеми донатори.“

Поентата е во тоа дека во денешниот образовен систем лесно ќе помислите дека вашето дете или студент мора да има совршени оценки ако сака да оствари успешна кариера.

Вистината е дека постојат вештини кои за успех во животот се далеку поважни од оценките и треба исто така да се посветите на нивниот развој. Затоа, кога детето ќе ви донесе книшка полна со четворки, со понекоја петка, не нервирајте се. Може потајно и да се радувате бидејќи можеби сте воспитале иден водач.

П.С. Важно е сето ова да не се сфати како генерална работа. Постојат и многу добри ученици на кои оценките им се подарени. Или оние што ги заработиле чисто на својот интелект, без ронка труд. Овој текст не се однесува на нив. Овде пишувавме за оние деца што ги заработиле своите четворки.

Автор: А. Цвеиќ



912

X