Мојата предност е во тоа што еднакво добро ги играм и ги користам сите тениски удари во текот на еден меч, вели Марко, кој се натпреварува во категориите за деца

Марко Алексовски е државен првак во тенис во категорија до 12 години. На турнирот во Куманово што се одржаа пред десетина дена тој го освои првото место.
Марко има десет години и е ученик во петто одделение во ООУ ,,Браќа Миладиновци“ во Аеродром, Скопје. Тренира во тенискиот клуб „Југ“ во Скопје, во Градскиот парк.

Ми се допаѓа тенисот бидејќи е индивидуален спорт

– Мојата приказна со тенисот започна на петгодишна возраст. Нормално, на почеток детски, рекреативно, запознавање со тенисот, основните движења и удари. Тенисот е моја прва љубов. Ми се допаѓа тенисот бидејќи е индивидуален спорт, сè зависи од мене, и кога губам и кога победувам – ни споделува Марко.

Тренира речиси секој ден. И индивидуални тренинзи и спаринг.

– Покрај тренинзите за тенисот, во текот на неделата имам и кондициони тренинзи. Горд сум на моите резултати бидејќи три години во низа завршувам прв на ранг-листата во категоријата во која настапувам, па така во 2019 година завршив прв на ранг-листата во категоријата до десет години, во 2020 година прв на ранг-листата во категоријата до 11 години и 2021 година ќе ја завршам прв на ранг-листата во категорија У12 за јуниори до 12 години.
Оваа година се натпреварувам на турнирите У12 и У14 организирани од Тениската федерација. На турнирите организирани од Тениската федерација за јуниори до 14 години, исто така, имам забележителни резултати и моментално сум на 12. место на ранг-листата за јуниори до 14 години од вкупно педесет рангирани тенисери – дополнува Марко.

Посакува долго и успешно тениско патување

Во 2021 година се има натпреварувано во странство на седум У12 турнири „Тенис Европа“ (Tennis Europe), на кои исто така постигнал одлични резултати особено поради фактот што се натпреварувал во силна конкуренција со деца од цела Европа и две години постари од него.

– Најдраго ми е освоеното државно првенство и титулата државен првак за јуниори до 12 години, освоена во средината од септември. Победите ме мотивираат и ме обврзуваат да продолжам уште повеќе да тренирам и се надевам дека ќе напредувам. Секако, голема заслуга за моите успеси има мојот тренер Предраг Русевски, кој многу вложува во мојот развој – истакнува Марко.

Од неговите досегашни искуства, тој забележува голема конкуренција меѓу неговите врсници.

– Македонија има и други талентирани деца кои се натпреваруваат во категориите во кои настапувам и таа конкуренција ме прави подобар играч. Според мене, мојата предност е во тоа што еднакво добро ги играм и ги користам сите тениски удари во текот на еден меч. Слободното време, покрај тренинзите, го трошам на моите секојдневни училишни обврски, сакам да патувам и да играм „плејстејшн“. Мал сум за долгорочни планови и рано е да кажам. Единствено посакувам да бидам здрав за да можам да тренирам уште повеќе и долго и успешно да биде моето тениско патување – завршува Марко Алексовски.

Фото: приватна архива



912

X