Игротека

Време е за чорбички

Штом дојде времето за цврста храна, најважно е новите намирници да се воведуваат постепено, да не се комбинираат повеќе состојки и вкусови одеднаш за да следиме како ќе реагира бебето. Прво се почнува со кашички – односно со пасирано овошје и зеленчук, а потоа треба да се воведат и крем-чорбички и супи кои се хранливи и добри за варењето. Еве неколку идеи:

Чорбичка од зеленчук

Потребни состојки:
2 лажици ориз, половина од поголем морков, 2 лажици грашок, половина среден компир, 1 лажиче маслиново масло.

Подготовка:

Излупете го зеленчукот, исечкајте го и варете го со малку масло, а кога ќе омекне, додајте го оризот, намалете го оганот за полека да се свари оризот. Чорбичката измиксирајте ја со блендер, па додајте малку млеко или топла вода, ако е потребно.

Супа со кнедли од месо
(за деца постари од 1 година)

Потребни состојки:
Околу 3 децилитри (дл) пилешки или јунешки бујон, 100 гр посно мелено јунешко, 2 лажички интегрално брашно, 1 среден морков, 1 помал компир, 1 јајце, малку магдонос.

Подготовка:
Во бујонот сварете ги ситно исечканите морков и компир. Меленото јунешко соединете го со јајцето и со интегралното брашно, па направете топчиња и спуштајте ги во врелиот бујон. Ако сакате, зеленчукот на крајот може да го изгмечите и да зачинете со ситно сечканиот магдонос.

Чорбичка од пилешко и боранија
(за бебиња постари од 1 година)

Потребни состојки:
1 среден морков, 100-200 грама бело пилешко месо, 1 помал компир, една рака боранија (може и смрзната).

Подготовка:
Морковот и белото месо исечкано на коцкички варете ги во малку вода додека не омекнат, па додајте ги компирот исечкан на коцкички и иситнетата боранија. Варете уште половина час, но внимавајте да не се превари.

Поврзани написи

To top