Воспитување

Зошто вработените мајки треба да бидат отворени за тешкотиите на родителството

Некој еднаш ми се обрати со „супермајка“. Мислам дека беше импресиониран од тоа што јас совршено ја менаџирам улогата на вработена жена додека одгледувам мало дете. Но, мислам дека истото важи за сите мајки што се вработени.

Факт е дека да се биде вработена мајка е тешка работа, но многумина од нас се однесуваат како да не е така. Мислам дека треба да престанеме со „глумата“ и да ги изразиме чувствата.

Оставете ги луѓето да ви помогнат

– „Ако не кажам ништо, моето семејство мисли дека држам сè под контрола“, ми вели неодамна пријателка и мајка на три деца. Во право е. Понекогаш мислиме дека е полесно да се каже „да“ отколку да се побара помош. И јас се борам со тоа. Позната сум по тоа што одбивам бебиситерски услуги од мајка ми, на пример, бидејќи не сакам да мисли дека не можам да се справам со ситуацијата. Таа имала 4 деца, јас имам едно – би требало да е лесно, зарем не? Друга мудра пријателка ми рече: „Луѓето во твојот живот всушност сакаат да помогнат“. Но, можеби мислат дека не треба да се понудат бидејќи сите се однесуваме како да немаме проблем со сите тие обврски и справувањето со секојдневието.

Не опседнувајте се со тоа што мислат колегите

Една колешка ми рече: „Од каде ти е целата енергија? Кога спиеш ти?“ Се насмеав и подоцна сфатив дека таа можеби беше загрижена, а не импресионирана. Многу вработени мајки не сакаат колегите (особено мажите) да имаат различно мислење за нив бидејќи имаат деца, па потребна им е флексибилност за да се справат со болното дете или земање од градинка и слично. Се грижиме дека луѓето ќе помислат оти не сме способни да завршиме одреден проект, па треба да им ги предадеме обврските на другите колеги. Лесно е да чувствувате стрес и обесхрабрување, луѓето што се загрижени така се чувствуваат, а тоа влијае и врз работата. Не можете да ги контролирате мислењата на другите за вас, па затоа е бесцелно да се грижите за тоа. Откако ќе го сфатите ива, ќе ви биде полесно. Дури и ќе се изненадите од сето она што можете да го постигнете.

Не споредувајте се со луѓето на социјалните мрежи

Социјалните мрежи може да бидат најголемиот непријател на вработените мајки. Сите сме го правеле тоа – гледање фотографии од насмеани семејства, уредни домови, модерна облека. Како тие луѓе успеваат да го постигнат сето тоа, а дополнително и да испечат колачиња, додека работат со полно работно време? Кога ќе дојдам дома по напорен работен ден, јас сум исцрпена и се чувствувам како ужасен родител зашто ја проверувам електронската пошта наместо да градам тврдина од коцки со син ми. Запомнете – објавите на социјалните мрежи не се реален живот.

Знајте дека не сте сами

Кога балансирањето станува преголем залак за нас, треба да најдеме утеха во фактот дека не сме сами – ова ми го вели моја пријателка, мајка на две деца. Тука јас ја наоѓам својата утеха. Сестринството помеѓу жените е навистина моќно. Понекогаш само мал разговор за хаосот кој го доживуваме може да доведе до олеснување. Можеби полесно ќе ви биде и ако прочитате некоја книга. Кој може да ве насмее? Кој може да ви даде добар совет? Кој е тука за вас за добро да се исплачете или да се олесните? Заедно сме во тоа. Но, не знаеме колку е тешка нашата индивидуална борба ако не сме отворени за тоа.

Внимавајте на речникот

Многу мајки чувствуваат притисок секогаш да зборуваат позитивно за родителството. Ни требаа повеќе од 4 години со сопругот да го добиеме синот со вештачко оплодување. Дали сум благодарна? Да. Дали се чувствувам благословена што го имаме во животот? Да. Дали се чувствувам виновна ако имам тежок ден и сакам да се изразам? За жал, да. Пријателка вели дека се чувствува исто: „Ако кажеме нешто што наликува на жалење за децата или кажување дека ни е тешко, често чувствуваме и потреба да балансираме преку искажување благодарност: „Се разбира дека сум благодарна што ги имам, но…“

Мислам дека вработените мајки треба да го променат начинот на комуникација и она што го зборуваат и да бидат искрени. Дали тоа ќе помогне? 100 проценти да.

Автор: Мелани Нг

Извор

Поврзани написи

To top