Секоја година воспитувачите од градинките и наставниците се зафатени со анксиозните родители кои имаат многу прашања – а вообичаено тие прашања имаат одговор. Сепак, оваа година е неизвесна на многу начини, но тоа не значи дека нема некои вредни информации што треба да се споделат. Па што сакаат воспитувачите да знаат родителите за оваа година?

Дали е ова прва година на вашето дете во градинка или на училиште? Ако е така, тогаш веројатно нема да биде искуството што сте го замислувале. Најверојатно нема да го видите детето како споделува боици или си игра со други деца на игралиштето. Сепак, ако планирате да го испратите во градинка, важно е да знаете што мислат неговите воспитувачи. Многумина од нив ги споделуваат истите грижи како родители, а нивна цел е да се осигурат дека вашето дете е безбедно, здраво и среќно. Еве што велат 11 воспитувачи и наставници на оваа тема:

1. Даваат сè од себе

– Знаеме дека нервите на родителите во овие моменти сигурно се истрошени од месеците поминати во онлајн-учење со децата. Како и сите други, и ние сакаме да имаме некое чувство на нормалност, па даваме сè од себе да се увериме дека учебната година ќе почне како што треба. Иако нема гаранции за ништо, ние како наставници сепак планираме да ги декорираме училниците и да создадеме безбедна околина за децата. Го сакаме најдоброто за нив во физичка и што е поважно – во емоционална смисла – Мери Ен, Толедо, Охајо, САД.

2. И тие се исплашени

– Би рекла дека моите колеги се исплашени за враќањето на училиште. Повеќето од нив исто така имаат семејства, па идејата дека немаме контрола врз тоа каде биле нашите ученици или покрај кого биле пред да дојдат во училница е малку застрашувачка. Правиме сè што треба за да останеме безбедни, но доволно е само еден ученик да е асимптоматски случај за да го рашири вирусот – анонимен наставник.

3. Сакаат да бидете реални

– Иако нашата цел е да ги учиме децата, се грижиме дека нема да можеме да го одржиме стандардот во предавањето на предвидениот материјал. Има многу работи што треба да се научат во градинка, а треба да се одржува ригорозен распоред, додека истовремено се грижиме за безбедноста на децата и одржувањето физичка дистанца, како и правилното користење на маските – тоа ми изгледа како невозможна мисија. Би им рекла на родителите да знаат дека даваме сè од себе за да добиеме соодветни инструкции, но можно е ситуацијата да не се одвива како во претходните години пред пандемијата. И тие можеби ќе треба повеќе да се вклучат во едукацијата на децата – Викторија Џ. Монтклер, Њу Џерси, САД.

4. Сакаат да бидете вклучени

– Нашиот училиштен округ ги финализира плановите за повторно отворање, а во нив е вклучено намалување на луѓето во и надвор од училиштето. За родителите што сакаат да учествуваат во училницата на детето, тоа може да биде тешко, особено за оние што првпат се одвојуваат од децата. Но, родителите треба да бидат свесни дека можат да бидат активни во учењето на детето, иако не можат физички да бидат присутни. Ние како наставници во градинка ќе се потпираме на нив оваа учебна година за да ни помогнат, особено ако училиштата треба повторно да се затворат. Родителите можат активно да учествуваат, а ние треба да смислиме нови и креативни начини за тие да се чувствуваат дека се продолжен, но интегрален дел од нашата училница – Маргарет П. Анаполис, Мериленд, САД.

5. Сакаат да комуницирате со нив

– Сè ќе се сведе на добра комуникација оваа есен. Родителите треба да зборуваат со своите деца за да видат како тие напредуваат на сите нивоа, а исто така треба да бидат проактивни и во комуникацијата со наставниците. Сите сме заедно во ова, а се надевам дека ќе можеме да имаме конференции со родителите барем еднаш месечно за сите да се усогласиме во работењето кон иста цел – а тоа е здравјето и безбедноста на учениците – Тифани Ф., Лонг Ајленд, Њујорк, САД.

6. И тие се збунети како вас

– Уште немаме конечна одлука за протоколите за повторното отворање, што навистина ни предизвикува нервоза. Јас сум блиску до пензија и имам чувство дека нема специфично водење низ целата работа, за сите да бидат уверени дека здравјето ќе биде зачувано – па може да бидам принудена порано да земам пензија, што е последната работа што сакам да ја сторам бидејќи ги сакам децата – анонимна наставничка.

7. Сакаат да биде исто како порано

– Мислам дека ехото од сентименталноста која одѕвонува е присутно кај повеќето наставници кога велиме дека сакаме оваа година да биде како претходните. Сите промени што требаше да ги имплементираме прават да имаме чувство дека воопшто не работиме во градинка. Плачев кога видов колку се изменила мојата училница. Изгледа толку стерилно, како да недостига срцето на градинката што некогаш ја имавме – Рејчел Д., Сан Франциско, Калифорнија.

8. Разбираат ако не го испратите детето во градинка

– Јас сум воспитувач во Њујорк, па слушам сериозни размислувања од страна на родителите за задржување на децата дома во текот на есента. Додека сум сигурна дека би сакале да ги пуштат децата во градинка под различни околности, сега сочувствувам со нив. Јас сум мајка на 7-годишно и 10-годишно дете, па посакувам да можев да ги задржам децата дома. Родителите треба да знаат дека не треба да бидат осудени што сакаат да ги заштитат своите деца – анонимен воспитувач.

9. Загрижени се за сопственото здравје

– Мислев дека е шега кога слушнав дека некои воспитувачи си ги подготвуваат сопствените тестаменти како што училиштата се подготвуваат за повторното отворање, но не е. И додека јас не сум технички една од ризичните групи, застрашувачко е да се мисли дека можеме да се разболиме на работа. Кога размислуваме за тоа, нашите прозорци не се отвораат целосно и сите го дишиме истиот воздух. Но, и покрај тоа што сум во прилично добра здравствена состојба, мојот татко живее со мене, а јас сум исплашена дека можам да се заразам со вирусот и да му го пренесам нему – Дебора П., Харисбург, Пенсилванија, САД.

10. Сакаат родителите да бидат подготвени

– Не сакам да бидам песимистичен, но идејата дека учебната година ќе продолжи без повторно затворање не е баш веројатна, според мое мислење. А за родителите што ги праќаат своите деца на училиште, мислам дека е мудро да се биде реален за инструкциите упатени кон децата. Во одреден момент училиштата може да се затворат, а родителите треба да имаат план во случај тоа да се оствари. Треба да знаат какви инструкции да им дадат на децата и да ги балансираат работните обврски. Нема да биде лесно, но треба да се биде подготвен, за транзицијата да биде малку полесна – анонимен воспитувач.

11. Се чувствуваат лојални кон своите ученици

– Колку и да се плашам за вирусот, сепак има посилен дел од мене кој ми дава желба да се вратам во училницата. Децата со месеци беа надвор од училиште, а родителите неподготвени ја извршуваа задачата на наставниците. Можам да замислам колку имаат пропуштено децата. Затоа сакам да се вратам назад, за да можеме повторно да почнеме квалитетно, во случај повторно да има затворање. На тој начин, барем ќе имаме солидна основа на учење, која родителите потоа ќе ја продолжат – Шарлот Л., Албани, Њујорк, САД.

Во слушањето на едукаторите од првата фаза на образованието родителите може да пронајдат мудрост (како и надеж) за учебната година. И покрај тоа што градинката сега не изгледа како место кое сте го замислувале и гледале претходно, сепак може да биде одлични искуство за образовниот процес и основа за почеток на едукацијата на вашето дете.

Автор: Џенифер Парис

Извор



912

X