Во врска со реакциите на дел од родителите што досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство, Владата ја информира јавноста дека Одлуката што ја донесе на 14 септември 2020 година – сите родители на деца од 0 до 6 години кои досега беа ослободени од работниот процес да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември 2020 година – е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
– Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување деца, односно градинките не работеа – велат во информацијата од Влада.
Фото: Архива
Дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што јавните установи за згрижување деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките што досега користеа продолжено породилно отсуство.
– Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега. Онаму каде што ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на општините како основачи на градинките, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, да обезбедат соодветно решение. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна – стои во соопштението.
Анализите, велат оттаму, покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во Протоколот, градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.
Според информациите од Министерството за труд и социјална политика, дел од родителите што веќе ги пријавија децата изминатиот период не ги носеа во градинка.
– Затоа Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да утврдат дали овие деца ќе престојуваат во градинките, со единствена цел во јавните установи за згрижување деца да бидат згрижени сите деца согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, односно оние на кои тоа им е неопходно. Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки кои се во интерес на граѓаните и на државата – информираат од Влада.
912