Многу е важно во училницата да се создаде пријатна атмосфера во која учениците ќе можат на креативен и активен начин да се стекнат со знаења и вештини потребни за живот. Сосема е јасно дека потребите за училниците во 21 век многу се разликуваат во споредба со оние од 20 век. Сега од наставниците се очекува да создадат креативна и продуктивна околина во која учениците ќе се стекнат со знаења потребни во тој момент, но и во иднина. Нола, професор по англиски јазик на институтот „Итон“ во Дубаи, издвоил седум улоги на наставниците во училницата.

1. Контролор

Наставникот е целосно задолжен за класот, за постапките на учениците и начинот на нивното излагање. Во училницата тој е во центарот на вниманието, а би требало да ги инспирира учениците да бидат што покреативни, а со тоа и најдобро што можат да ги научат лекциите. Сепак, се поставува прашањето дали на учениците сето тоа им е интересно, дали оваа негова улога овозможува разновидни активности.

2. Шептач

Наставникот ги охрабрува учениците да учествуваат и да даваат предлози за сопствените активности. Наставникот би требало да им помага само кога тоа е неопходно. Кога на учениците буквално ќе им недостига збор, тој е тука дискретно да ги охрабри и да ги наведе на одговорот. Некогаш тие може да станат несигурни, па тој може да ги поддржи со своето шепнување.

3. Извор

Наставникот е практично центар на изворот, подготвен да помогне доколку е потребно. Мора да биде достапен за учениците кога и да им е потребна консултација. Како извор, тој ги наведува на литература која може да ја користат, како на пример интернет.

4. Проценувач

Ова значи дека наставникот набљудува колку добро учениците усвојуваат, но и го репродуцираат знаењето. Повратната информација и поправањето на грешките се клучни. Многу е важен начинот на кој наставникот оценува. Доколку во комуникацијата нема разбирање и поддршка, тоа единствено може да биде контрапродуктивно за самодовербата на ученикот.

5. Организатор

Можеби ова е најтешката и најважната улога што мора да ја изведе. Успехот на големиот број активности зависи од добрата организација и од тоа учениците да знаат точно што треба да прават. Давањето инструкции е клучно. Организаторот треба да биде и демонстратор, што му дозволува да се вклучи и ангажира заедно со нив. Организира активности и им дава на учениците повратни информации.

6. Учесник

Оваа улога обезбедува атмосфера во која и тој е дел од активностите. Сепак, наставникот вака може да го ризикува својот авторитет. На овој начин може да ја заживее атмосферата, може да се повлече и да не биде во центарот на вниманието. Тоа е идеален начин за интеракција со учениците без доминација.

7. Тутор

Се однесува како тренер во текот на проектот кој учениците го подготвуваат сами. Дава совети и водичи кои ќе им помогнат да ги расветлат идеите и да ги прикажат на најдобар начин. Ова е идеална можност да се обрне внимание на секој ученик. Со тоа наставникот ги приспособува активностите на секој ученик посебно. Сепак, тоа може да доведе и до преголема самостојност на учениците или, пак, недоволна почит кон наставникот.

Многу често може да дојде и до тоа секоја улога да се менува. Односно, улогата на наставникот никогаш не е статична. Една активности може да вклучува премин од една улога во друга. Иако до скоро беше клучно наставникот да биде во центар на вниманието, 21 век носи нови стратегии. Интерактивниот наставник создава потполна свесност и динамичност на часот. Успехот на секој час зависи од меѓусебниот однос на учениците, атмосферата на часот, меѓусебната комуникација. Па така, не е сѐ до професорот, дел од улогата во добро организираниот час им припаѓа и на самите ученици.

Исто така, многу е важно да се создаде демократија наместо аристократија, односно наставникот да дели некои работи со учениците наместо самиот целосно да ја контролира училницата. И за учениците и за професорите сега е важно да се олесни учењето. Некогаш се сметало за слабост на наставникот доколку на некое прашање од учениците нема одговор, меѓутоа, искреноста треба да е на прво место. Можете да истражите и да ги известите учениците на следниот час, или пак да се обидете заеднички да дојдете до вистинскиот одговор.

Овие улоги на наставникот му овозможуваат да креира култура во училницата, да го подобри учењето, да ги поттикне праксата и создавањето. Наместо експерт, поважно е да се биде личност која олеснува и нуди помош.



912

X