Сите интервенции досега биле само ситни поправки од типот на: редукција на бројот на часовите, механичко намалување на обемот на градивото, промена на имиња на предмети…

Воспитно-образовниот систем во Македонија не е поставен за потребите на учениците и општеството. Тука можеме да го бараме коренот на сите проблеми, при што најголемите жртви се учениците, вели Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Нереални оценки во основно, притисок врз децата да бидат најдобри во сè за да се запишат во „најдобрите“ средни училишта, континуиран притисок врз наставниците да поправаат оценки… Скорешните перипетии во неколку средни училишта во земјава, откако за одреден број слободни места се пријавија повеќе ученици со просек 5,00, одлука од Министерството за образование и наука да се полагаат квалификациски тестови (како што предвидува Законот), протести на родителите под чиј притисок МОН попушти и беше поништена одлука, предизвикаа бура реакции во јавноста. Во многуте различни мислења единство имаше во ставот дека децата со години се жртви на нефункционален образовен систем.

Според Барабареев, сегашната состојба во која постои големо незадоволство е најдобар доказ дека недоволно се осмислени преобразбите во образовниот процес. Сите интервенции досега биле само ситни поправки од типот на: редукција на бројот на часовите, механичко намалување на обемот на градивото, промена на имиња на предмети…

– Сè се промени во овие 30 години. Профилот на ученикот е променет, но не и профилот на македонските образовни институции. Системот не е компетентен. Секој добар систем се одржува и развива со работа, посветеност и знаење. Коренот на проблемите е во поставеноста на системот кој предолго не се менува суштински. Сите промени или обиди за реформи се парцијални и биле во насока на внатрешни краткорочни поместувања. Речиси секогаш се под политизација, со компромиси и задоволувања на одредени парцијални гледишта и погледи, без долгорочни погледи и визија за тоа каков треба да биде нашиот образовен систем во 21 век. Затоа, всушност, и сите засегнати страни не се задоволни од моменталните состојби во системот на сите нивоа. Во суштина воспитно-образовниот систем не е поставен за потребите на учениците и општеството. Овде можеме да го бараме коренот на сите проблеми, при што најголемите жртви се учениците – идната енергија на општеството – вели Барбареев.

Оценувањето во образованието е посебен феномен

Во системот на вреднување на знаењето на ученикот со бројки – оценки од 1 до 5, истражувањата со години покажуваат дека учениците се борат за оценка (бројка), а не за знаење. Описно оценување со постигнувањата на ученикот има само од прво до трето одделение, а од четврто почнува оценувањето со бројки. Борбата и притисоците почнуваат во 6 одделение, со предметната настава. Тогаш почнува и борбата за петки. Резултатот е – ученици со сите петки, нефункционално знаење и вештини.

Според Барбареев, оценувањето во образованието е посебен феномен затоа што 50 години наназад ги учат учениците дека оценката е најважна, а не процесот на решавање проблем и критичкото мислење.

– Оттука почнува сè! Додека оценките се единствениот критериум за креирање на кариерата и иднината на младите, образовниот систем ќе биде под притисок. Преголем акцент се става на оценката бидејќи е клучна и го детерминира продолжувањето на образованието и „кариерата“ во државната администрација – вели тој.

Барбареев е дециден дека во основното образование е многу поважно што се случува со воспитувањето отколку со знаењето и оценувањето. Во основното образование се поставува основата – самиот збор кажува сè.

– Зошто ви се потребни одлични ученици ако немаат развиено високи морални особини, ако не се толерантни, ако имаат омраза кон другиот…? Училиштата во основното образование треба да бидат суштински фактор кој постојано ќе ги мотивира децата да ги всадат во себе вредностите на животот, во формирањето на ставовите кај децата, зошто всушност ни е потребно образованието, семејството, државата… Тука треба да се работи на моралниот, граѓанскиот, уметнички развој и социо-емоционалниот развој на ученикот – вели Барбареев.

Се подготвува закон, а најбитните не се прашуваат

Тој предлага МОН да создаде посебно, национално тело за контрола на квалитет кое ќе ги мери условите во кои се одвива наставата, наставните планови и програми, стручноста на наставниците и стручните служби, нивните знаења, вештини и ставови кои влијаат врз учениците и со кои би требало да се стекнат во текот на своето образование.

– Промените во образованието ќе почнат да се случуваат откако ќе воведеме стандарди како клучен елемент во подигнувањето на квалитетот. Стандарди како средство, како инструмент за подобрување на квалитетот. Тоа значи дека суштината на процената на постигнувањата на ученикот треба да биде точна оцена на нивните постигнувања во однос на сите други надворешни критериуми (обученоста на наставникот, на стручните служби, на образовните политики на министерството, но и на локалната средина). За жал, во системот нема јасни механизми за следење и обезбедување квалитет, ниту доволна свест за брзи реални промени – вели Барбареев.

Проф. д-р Кирил Барбареев

На прашањето дали постои можност промени во начинот на оценување да се инкорпорираат во овој период, додека се донесува новиот закон за основно образование (кој е веќе ставен на јавна расправа) Барбареев вели:

– Кога се носи закон кој би требало да биде во заеднички интерес на подобрување на системот и ако притоа деканите на факултетите што образоваат наставници, раководителите на институтите, експертите, професорите, наставниците, родителите, не стојат заедно со министерот на прес-конференцијата кога ќе се објави, објаснува и брани новиот закон – тогаш нешто сериозно е згрешено. Како може оние за кои се однесува законот, оние што треба најмногу да веруваат во новото решение, да не се тука и да не се запознати? Затоа овие денови има толку реакции од институции кои не се вклучени во изработката или во консултирањето за одредени теми. Тоа е загрижувачки однос на политиката кон стручната јавност. А, зошто да е така!? Кога сите сме загрижени и се трудиме за подобар образовен систем. Постои можност за поинаков модел на оценување за кој лично се залагам. Но, тој модел мора да произлезе од наставниците и стручните лица во оваа држава.



912

X