Наставничката Гордана Стојаноска и нејзините третоодделенци од Прилеп организираа хуманитарен настан и на учениците од Пустец им однесоа многу книги и лектири на македонски јазик, како и дидактички материјали

Учениците од селото Долна Горица, Албанија, добија нови лектири, книги и училишни материјали како дел од акцијата на третоодделенци од Прилеп и нивната наставничка.
Прилепските ученици, заедно со наставничката Гордана Стојаноска од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Прилеп, продадоа 1.000 перничиња украсени со нивните цртежи и собраа пари за да ги израдуваат дечињата од Пустец.

Тие заедно со наставничката заминаа во Албанија минатата недела и цел ден се дружеа со нив.
– Нашата хуманитарна акција „Детското срце не познава граници“ заврши со посета на Основното училиште „Отпорот на Горичани“. Таму нè пречекаа со насмевки од срце и топли прегратки. По обраќањата на директорите на двете училишта, домаќините имаа подготвено кратка програма – раскажува Стојаноска.

Тие како најголемо изненадување за крај ја чувале посетата на Дедо Мраз, кој на сите деца им подарил пакетчиња. Учениците од Пустец имале и ретка шанса да гледаат детска претстава.
– Едно од најголемите изненадувања за сите деца беше претставата „Силјан Штркот“, која ја изведоа актерите од Мал прилепски театар. Она по што јас ќе го паметaм овој настан се љубезниот пречек на домаќините, нивните искрeни насмевки и нивните топли прегратки, кои се најголемиот подарок за мене и за моите ученици – вели наставничката Стојаноска.

 

Оваа вредна и хумана наставничка вели дека целта на сите овие хуманитарни настани и акции е нејзините ученици да ги научи на хуманост, на добрина, да им всади морални вредности.

Учениците од Пустец, кои се соочуваат со недостиг на материјали на македонски јазик, добија лектири и сликовници на македонски јазик, книги, енциклопедии и дидактички материјали кои ќе им ја олеснат наставата.

М.А.М.



912

X