Единаесет нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа денеска ги потпиша договорите со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите.
Фото: mtsp.gov.mk
На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип и Гази Баба (две градинки). Со изградбата на градинките капацитетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања.
– За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ – рече Царовска.
Таа ги повика општините да конкурираат со квалитетни проекти за изградба на нови градинки, затоа што освен од буџетот на Министерството, за истата намена на располагање се и уште 15 милиони евра од Светска банка.
Од МТСП потенцираат дека изминатата година го зголемиле опфатот на децата во предучилишно образование за 1.959 деца.
912