Кога бебето ќе наполни шест месеци, постепено почнете да го навикнувате на нови вкусови, на млечни кашички, но и на оние што се направени од овошје и зеленчук. Педијатрите ќе ве советуваат која намирница кога се воведува. Најбезбедно е во исхраната да воведувате една по една намирница за организмот да се навикне на нив и навреме да ги уочите можните алергиски реакции.
Ви предлагаме неколку рецепти за вкусни бебешки кашички.
Кашичка од гриз
Потребно е:
220 мл млеко
6 лажички гриз
Подготовка
Кратко варете го гризот во вода, па потоа прелијте го со врело млеко и оставете го да отстои додека целосно не омекне. Потоа кашата добро измешајте ја за да се соедини.
Кашичка со ориз и морков
Потребно е:
2 супени лажици ориз
100 мл млеко
50 г моркови
1 мала лажичка масло
Подготовка
Излупете го морковот, измијте го и потоа исечете го на мали парчиња, па варете го додека не омекне. Потоа додајте ги оризот, кој претходно сте го свариле, свареното млеко и маслото и добро мешајте додека не се изедначи.
Кашичка со компир и карфиол
Потребно е
1 мал компир или половина од поголем компир (околу 30 г)
Неколку цветови од карфиол (околу 70 г)
2 лажички ориз
50 мл млеко
1 лажичка масло
Подготовка
Излупениот компир исечкајте го на ситни парчиња, ставете ги вода и варете ги. Кога ќе бидат наполу сварени, додајте ги карфиолот и оризот и варете уште 10 до 15 минути (дотурете вода ако е потребно). Кога кашата ќе се свари, додајте врело млеко и оставете ја на згасната рингла уште неколку минути, па добро измешајте.