Просветни работници велат дека некои родители ги сликале тестовите и ги ставале на социјалните мрежи или им ги давале на други наставници да ги проверат, а дел од родителите мислат дека ќе бидат погрешно сфатени ако отидат во училиште на увид

„Не знаеше како побрзо да ја напушти канцеларијата“, вака еден просветен работник се изразил пред колегите за средба со родител кој побарал увид на направениот тест на кој неговото дете добило слаба оценка, а по сите други предмети имало солиден успех. Со ова наставникот сакал да каже дека го оставил без зборови родителот соопштувајќи му факти за ученикот, а родителот сметал дека наставникот се навредил.

Начинот на увид од страна на родителот врз тестовите, писмените работи, есеите на учениците кои веќе ги оценил наставникот или професорот отсекогаш е актуелна педагошка тема. Во последно време сѐ почеста практика е да не се дава тестовите да се однесат дома, туку доколку родителот сака да ги види, да закаже средба со предметниот наставник. Порано тестовите им се даваа на учениците да ги носат дома и родителите ги потпишуваа.

Родителска дилема – ако одат на школо по тестот, дали ќе бидат погрешно сфатени?

Дел од родителите реагираат дека се чувствуваат непријатно и не знаат како ќе бидат сфатени доколку одат на училиште и побараат да ги разгледаат тестовите.

– Син ми се пожали дека на тестот му биле скратени бодови поради пропусти иако резултатот на крај бил точен. Тестот не ни го пратија дома. Се обратив до класниот раководител, ми рече да побарам средба со предметниот професор за да го видам тестот. Се откажав не знаејќи како ќе ме сфати професорот – вели Митко Стојановски, родител од Прилеп.

Родители на ученици од повисоките одделенија и класови се двоумат дали да одат и да побараат објаснување за оценка по некој тест или предмет.

– Дали и ние сме доволно реални и објективни зашто се водиме по она што децата ни го кажуваат дома? Но, училиштето би требало да е во партнерски однос со родителите и да не е проблем доколку сакаме да ги видиме тестовите. Сепак, се прашуваме да не бидеме сфатени погрешно и да направиме проблем – велат родители што ги анкетиравме.

Дел до учениците кажуваат дека наставници им ги даваат да ги разгледаат оценетите тестови на час, а други дека ги повикуваат на катедра таму да извршат увид за да не можат да ги фотографираат со мобилните телефони. А има и таков наставен кадар кој само ги чита оценките пред класот, а не ги дава прегледаните тестови.

Лоши искуства – родители сликале тестови и ги објавувале на „Фејсбук“

Просветните работници велат дека треба многу да се внимава, а тестот да е објективен и валиден. Гордана Угриновска-Марковска, наставничка во Основното училиште „Елпида Караманди“ од Битола, вели дека за носењето на тестот дома има аргументи „за“ и „против“.

– Практиката покажала дека во некои ситуации се давале тестовите дома, па тоа се покажало грешно поради манипулации од страна на некои родители. Тестовите се сликале и се објавувале на социјалните мрежи без да се побара мислење од соодветниот наставник поради некоја дилема или нејасност при оценувањето. Следна практика што се случува е да се даваат тестовите на дополнителна проверка кај други наставници за да се ,,увиди“ правилноста или неправилноста на оценувањето, па дури и на самиот тест – вели таа.

Поради ваквите и слични ситуации, додава Угриновска-Марковска, ставот е да не се носат тестовите дома. Родителот има право на индивидуален разговор за тестот со наставникот и да слушне доколку има некаков проблем.

Наставничката Фаначе Јошевска од ОУ „Елпида Караманди“ вели дека не постои унифициран одговор дали тестовите смеат да му се дадат на ученикот да ги однесе дома или не.

– Наставниците најчесто не им ги даваат тестовите да ги носат дома од причина што потоа имаат проблем да ги добијат назад и да бидат дел од ученичкото портфолио. Ова не значи дека родителот нема пристап до нив. Имено, секој родител може да дојде во училиште и да го погледне портфолиото со сите направени тестови, а за време на секоја родителска средба тоа е редовна постапка. Пристапот до тестовите е обезбеден и за време на секој отворен ден за родителите кој се организира еднаш во месецот – вели Јошевска.

Родителот има законско и морално право да изврши увид врз тестовите

Според доц. д-р Горица Поповска-Налевска, доктор на педагошки науки и професор на Меѓународниот славјански универзитет, Правилникот за начинот на следење, проверување и оценување на учениците предвидува „на барање на родителот предметниот наставник да му овозможува увид во писмената работа и изработките“, но не е утврден начинот како ќе се направи увидот. Поради тоа, одлуките најчесто се разликуваат од едно до друго училиште, па дури и меѓу наставниците во исто училиште.

– Одлуката ја отсликува атмосферата на соработка меѓу наставниците и родителите и колку двете страни се спремни да вложат напор за успешно организирана соработка. Квалитетната и координирана соработка помеѓу семејството и училиштето е важен вид поддршка за децата. Родителот има законско и морално право да има увид и да биде запознаен со напредокот и постигнувањата на детето во училиште. За жал, ова не е секогаш лесно да се постигне – вели Поповска-Налевска.

Таа потсетува дека живееме во ера на дигитализација, која овозможува скратување на време и ресурси за остварување континуирани лични средби.

– Новата комуникациска технологија нуди групно и индивидуално поврзување со родителите (вибер-групи, е-пошта…) така што наставникот во договор со родителите треба да ја избере формата како училишните тестови да станат достапни и видливи за родителите (на пр., да се сликаат тестовите и да им се праќаат на родителите во услови кога постои сомневање дека оригиналниот тест може да биде оштетен или загубен – додава педагогот.



912

X