Се прашувам дали и вам ви се случило во одреден момент да поверувате дека машината за перење алишта се подбива со вас, криејќи ви по еден чорап од омилениот пар за кој сте биле сигурни дека го ставивте да се пере? Јас, си признавам, поверував дека мојата машина за перење е некое суперинтелигентно „нешто“ кое си поигрува со мојата занесеност и дека гледајќи ми го збунетиот израз кога по петтото перење алишта ќе си го најдам изгубениот чорап-партнер – нечујно паѓа од смеење. Но, неретко се случувало трајно да ми исчезне по еден чорап. Е, тогаш, на таквите случаи им запечатував етикета: МИСТЕРИЈА!

Но, сум била во заблуда… И тоа во многу голема заблуда!

Тоа ми го потврди една неодамнешна средба, кога в раце ми падна една мошне интригирачка книга со наслов – Чорапојадци! Уште кога го видов насловот, витлите во главата почнаа да ми се вртат на центрифуга. Вртејќи така со огромна брзина, една мисла ми се заглави на тој последен момент кога засекогаш ми снема еден чорап. Аха! Некој меѓу нас не е наш!
Ние цело време да сме имале потстанари без да бидеме свесни за нивното присуство…
Се впуштив во читање за да откријам кои се овие суштества, како живеат, и освен што крадат и јадат чорапи, дали доаѓаат во мир или имаат други намери.

Низ чорапојадскиот живот нè води приказната за добродушниот Хихлик и членовите од неговото семејно стебло. Неслучајно велам добродушен зашто најпрвин тоа го наследил од неговите родители, а потоа и од некој друг (ќе си откриете сами зашто и тоа е многу важно!):

„Хихлик го сакаа и татко му и мајка му, но тие во нивните срца имаа љубов за сите чорапојадци во светот. Им помагаа на сиромашните и на болните, организираа добротворни акции за чорапојадците бездомници. Тие беа насекаде каде што можеа да бидат полезни.
Еднаш од еден патник дознаа дека многу им е лошо на чорапојадците во Африка. Домородците таму наводно одат сосема боси или боси во сандали… А тоа значи дека тамошните чорапојадци постојано гладуваат!
Од тој момент не можеа да мислат на ништо друго.

…Родителите тажно се збогуваа со Хихлик. Се шмугнаа во камионот што се упати кон Африка. Како прва помош носеа две кеси чорапи со различни големини…“
Хихлик нема браќа и сестри. Со својот дедо, тој живее во домот на исто така добродушниот господин Вавринец, препознатлив по тоа што редовно на себе носи распар чорапи и поради тоа често наидува на потсмев. Но, откако ќе се запознаат со Хихлик, нивните животи ќе претрпат големи промени. Се разбира, на подобро.
Во поширокото семејство на Хихлик има и поинаков профил на чорапојадци од него. Па, ако овој ја претставува светлата страна на чорапојадизмот, неговите роднини дејствуваат во онаа темната, шверцерската, нечесната страна.

И додека сето ова вам ви се чини неверојатно, еден професор Рене Кадерабек работи на својата теза преку која се труди да докаже дека чорапојадците вистински постојат и дека треба да се истражат нивниот живот и навиките.
Во оваа буица од заплети ќе доживеете неверојатно искуство. Ќе се нурнете во тајниот свет на едни суштества кои ај што живеат на вересија во нашите домови, туку ни прават раздор меѓу пар чорапи. Барем да јадеа два исти, ќе ги прежалевме. А вака?! Ќе мораме да промовираме нова мода носејќи распар чорапи. Сепак, ќе ве предупредам: не се сите чорапојадци исти! Како што не се исти сите луѓе. За да не изградите избрзани впечатоци – трк на читање Чорапојадци.

Наместо збогум, ќе ви шепнам една тајна: чорапојадците мразат синтетички материјал. Размислете следниот пат кога ќе купувате чорапи.



912

X