Децата што доживуваат одреден стрес имаат поголема веројатност да развијат проблеми со физичкото и ментално здравје додека да пораснат во возрасни личности. Тука спаѓаат анксиозноста, депресијата и нарушувањата во расположението. Но, како влијае стресот во раното детство врз појавата на ваквите нарушувања кога децата ќе пораснат?
Истражувачите од Универзитетот во Висконсин-Медисон споредиле цели геноми од деца со високи нивоа на стрес во раното детство со оние на децата чие детство е релативно мирно. Откриле разлики во однос на тоа како функционираат нивните гени, а разликите можеле да послужат како насока за подобро дијагностицирање и третман на нарушувањата предизвикани од стрес.
– Знаеме дека раниот стрес во животот на децата и развојот на психијатриски нарушувања се поврзани. Сега сакаме да знаеме и што доведува до тоа. Изненадени сме што гледаме толку многу разлики помеѓу двете групи, но сега можеме да почнеме да гледаме на тие разлики многу повнимателно, со крајна цел да креираме интервенции, терапии или лекови кои можеби ќе помогнат во решавањето на овие проблеми – вели Лесли Селцер, истражувач од универзитетот и водечки автор на студијата, заедно со Лиџија Папале.
Селцер, Папале и соработниците собрале примероци од плунка од 22 девојчиња на возраст од 9 до 12 години и ги анализирале за да видат кои гени функционираат во однос на справувањето со биолошките процеси. Барале молекуларна модификација наречена метилација. Во метилацијата промените во средината го поттикнуваат приклучувањето на одреден молекул, наречен метил група, за подложни места на гените.
– Што јадете, кои се вашите животни искуства, колку вежбате – сите овие работи ги модифицираат нивоата на метилацијата во вашата ДНК – вели неврохирургот Реид Алиш.
Истражувачите откриле 122 гени каде што метилацијата кај ДНК од децата со висок стрес се разликува од онаа кај децата со ниски нивоа на стрес. Тимот исто така согледувал како биле изразени гените. Кај сите, повеќе од 1.400 гени покажале разлика во изразувањето поврзано со нивото на стрес што девојчињата го доживеале, вклучувајќи и дузина различни метилирани гени. Комбинацијата од различни метилации и генски изрази истакнувала некои гени кои се знае дека играат главна улога во однос на расположението и психијатриските нарушувања.
– Нашите анализи идентификуваа разлики во гените кои помагаат во регулацијата на расположението и поврзувањето, како оние за рецепторите на окситоцин и серотонин. Ова е возбудливо бидејќи можеби сведочиме на механизам преку кој стресот во детството може да предизвика социјални или бихевиорални проблеми. Но, исто така, забележавме многу гени чија функција сè уште не е јасна. Сега знаеме дека се потребни повеќе студии за да се придонесе во делот кој е поврзан со психијатриски нарушувања предизвикани од стрес – вели Селцер.
Селцер почнала со истражување пред седум години, кога била истражувач во лабораторијата на професорот по психологија Сет Полак во Универзитетот во Висконсин-Медисон. Еден од резултатите на работата на Полак за злоупотреба, сиромаштија и други предизвици во животот на детето е и корисната метода за карактеризирање на типовите и сериозноста на стресот, а тоа се деталните интервјуа и со родителите и со децата.
Со ваквиот опис на стресот, можеби најдобро може да се карактеризира неговото влијание врз децата со слични искуства, отколку само кај едно одредено дете. Анализирањето на гените на индивидуална личност може да биде чекор напред кон полично опишување на штетата предизвикана од стрес.
– Се надеваме дека ќе можеме да користиме молекуларни пристапи и можеби некои од овие гени што ги дефинираме тука ќе помогнат во повторното дефинирање на дијагнозите на индивидуално ниво. Со тоа дијагнозата и третманот ќе бидат попрецизни за секоја индивидуа – вели еден од истражувачите.
Автор: Крис Банкард