Стресот стана термин кој секојдневно го користиме и често го чувствуваме, а последниве години почнавме да го користиме и кога ги опишуваме состојбите кај децата. Дали денешните деца се под стрес и како можеме да им помогнеме да научат да живеат со него, објаснува Мирјана Петковиќ, лиценциран животен тренер, учителка по автоген тренинг (и уште многу други техники), која две години ја спроведува лиценцираната програма „Релакс кидс“ со работилници за деца.
Оваа британска програма, која е основана уште од 2001 година, Мирјана ја спроведува од крајот на 2016 година, како прва од овој вид во Загреб. „Релакс кидс“ ги учи децата како да се борат со стресот, но и да сфатат што се подразбира под таа состојба.
– Ги учиме децата на корисни алатки кои се употребуваат во целиот живот, ги охрабруваме да се почитуваат и да се сакаат себеси, да работат на својата самодоверба, полесно да се носат низ актуелните стресни ситуации, но и низ секоја следна со која ќе се соочат при растењето. Ги учиме како да се справат со стресот, да ја развиваат фантазијата, да бидат присутни во моментот, па многу работиме на свесното внимание, а сето тоа го работиме низ седум чекори – објаснува Мирјана.
7 техники за воспитување среќно дете
Програмата „Релакс кидс“ е наменета за деца од 4 до 15 години, поделена е во циклуси, а секој циклус трае четири недели, по еден час неделно кој трае 60 минути. Се работи во групи од по 8 деца. Децата можат да ја следат програмата цела година, а работата во групата секогаш е приспособена на децата и на нивните потреби.
– Првиот чекор е играње (брзи и релаксирачки игри), по секој чекор се работи на свесното внимание, а се посветува време и на емоциите. Последен чекор се медитацијата и визуализацијата, имаме афирмативни и позитивни мисли, децата се учат полесно да се носат со самите себе и со сите околу нив, да бидат подобри на училиште, поконцентрирани, да бидат подобри дома и сè што ќе научат од програмата да го понесат дома – истакнува Мирјана.
Зошто толку мали деца се под стрес?
– Децата денес имаат многу активности, училиштето поставува многу барања, а некои деца не сакаат дополнителни активности. Доаѓаат под стрес и сакаат да се одморат малку, не можат сè да постигнат, а кога ќе дојдат на „Релакс кидс“, им дозволувам да се изразат, да кажат сè што им смета и потоа учат како да се носат со своите обврски. Ќе се потсетат на вежбите за дишење и самомасажа, па низ алатките што ги добиваат во текот на програмата полесно се справуваат и дома – истакнува Петковиќ.
– Освен преголемото оптоварување, ги мачи и неразбирањето од страна на родителите, се жалат дека не ги слушаат, дека сè е толку забрзано и немаат ни момент дома кога родителите навистина внимателно ги слушаат, па тоа им недостига. Често зборуваат и за професорите, но и за меѓусебното неразбирање кога ќе се обидат да се вклопат, ако се поинакви од другите или ако не одат на одредени активности на кои одат сите други – продолжува Мирјана, потенцирајќи дека не сме свесни за сите работи со кои се носат децата денес. Таа објасни дека родителите ги носат децата кај неа бидејќи се хиперактивни, немаат концентрација која е нормална за нивната возраст, нервозни се, не знаат да покажат емоции или, пак, претерано ги покажуваат.
Како реагираат децата на вежбите за дишење и медитација?
– Што се однесува до последните чекори – медитација и визуализација, децата ги обожаваат. Тоа им е најдрагиот чекор, имаат перничиња, ќебиња и ми раскажуваат за сè што фантазирале.
Медитациите за деца траат пет минути и се приспособени за нивната возраст, повеќе има фантазија и игра и, се разбира, тие се насочени медитации. Низ оваа програма децата учат како да се хранат здраво и да се грижат за своето тело, како да се заблагодарат и да кажат што им смета.
Еден од важните чекори е и самомасажата, која децата ја вежбаат и сами дома. Се разбира, ако детето не сака да се допира, тогаш единствено ќе се масира, а некој друг може да го допира само со добиена дозвола од него. Преку допирот се развива емпатија и блискост, но за таквиот чекор треба да се праша детето. На „Релакс кидс“ децата учат дека е сосема во ред да се добие „не“ како одговор и дека треба да ги почитуваме другите бидејќи така се почитуваме и себеси и луѓето околу нас.
Што да правиме кога ќе имаме лош ден?
– Позитивното размислување не функционира во смисла дека треба цело време да имате позитивни мисли и дека сè е супер и кога не е така. Апсолутно не. Целта на позитивното мислење е прво да го освестиме моментот во кој се наоѓаме и каков ни бил денот. Во ред е да се биде налутен, да се пројде низ таа емоција, да се исплаче и да се каже она што ни лежи на душата – објаснува Мирјана, додавајќи дека најважно е да видиме дека имаме избор. Поентата на позитивното размислување е кога ќе дојдеме во тешка ситуација, да знаеме како да се носиме со неа, да знаеме дека тоа е нешто моментално и дека нема да ни го обележи остатокот од животот.
– Многу е важно да се препознае емоцијата, состојбата во која се наоѓаме и тоа да не го поттурнеме под тепих. Многу пати во животот ќе поминеме низ лутење и страв и сето тоа е во ред. Токму затоа постојат техники и афирмации кои можат да помогнат, но за да дејствува афирмацијата, мора да постои емоција – вели Мирјана.
– Ние овде допираме разни теми и однесувања на родителите, а потоа сфаќаме дека родителите можат да имаат лош ден и дека можеби и самите не знаат како да се справат со тоа, што е она што ги исфрла од контрола; ги учиме децата да покажат разбирање за родителите и заемно да влијаат едни на други. Позитивната енергија е заразна – објаснува Мирјана, додавајќи дека е многу важно децата да се поттикнуваат да играат. Кога ќе престанеме да играме, престануваме да живееме – вели таа.