Пред децата, одморот значеше спиење и враќање дома од патување каде што одлично сте се одмориле. Но, кога ќе станете родител, ќе научите (на потешкиот начин) дека понекогаш спиењето на одмор е многу полошо отколку дома.

Зошто децата имаат проблем со заспивањето на одмор?

Како прво, луѓето не спијат добро на непознати места, вели експертот за сон кај бебињата Алексис Дубиф. Кај возрасните, ова е познато како „ефект на првата ноќ“, но се чини дека децата се под поголемо влијание.

– Особено за бебињата и малите деца, дури и малите нарушувања на распоредот може да доведат до појава на преумореност, а таа преумореност го отежнува заспивањето. Кога ова ќе го комбинирате со проблемот поврзан со „чудната локација“, тоа е совршена бура за немирен сон – вели д-р Дубиф.

Во продолжение ви нудиме неколку совети што ќе им помогнат на децата (и на возрасните) да спијат подобро на одмор.

Држете се до нормалната рутина пред спиење колку што е можно повеќе

Доколку можете, држете се до основите на вашата рутина. Тоа може да му помогне на мозокот на бебињата да сигнализира дека е време за спиење.

Не заборавајте да ги спакувате омилените предмети на детето/бебето

Доволно е да му го спакувате омиленото ќебе или омилената кадифена играчка и детето ќе се чувствува како дома.

Направете идејата да спиете во нов кревет да изгледа забавна и привлечна

Ако предизвикате возбуда и среќа кај детето поради фактот што треба да спие во нов кревет, тогаш нема да имате проблем со спиењето на ново место.

Поминете повеќе време надвор во текот на денот

Без разлика дали сте дома или на одмор, на децата им е потребна игра на отворено. Најдете парк или безбеден простор на отворено и уживајте заедно. Пешачете, шетајте и согорете ја дополнителната енергија што доаѓа со возбудата на патувањето.

Погрижете се децата да јадат доволно во текот на денот

Тешко е децата да јадат редовно кога сте на некакво патување или на одмор, особено во ресторани каде што менито е различно од тоа дома. Обидете се да им ги обезбедите веќе познатите оброци, макар тие постојано да се повторуваат.

Не грижете се премногу за спиењето на вашето дете за време на патувањето

Важно е да знаете дека нарушениот сон е честа појава кога патувате со мали деца и дека неколку непроспани ноќи нема да имаат долгорочни ефекти врз навиките за спиење на вашите деца.

Извор



912

X