Здравје

Синдром што личи на вирус, а всушност е алергија на храна

Синдромот на ентероколитис предизвикан од протеини од храна е посебна форма на алергија на храна, чии симптоми најчесто се повраќање и дијареја. Многу често се меша со стомачен вирус, особено кај деца. Еве како да го препознаете.

Одложена реакција што го збунува и лекарот

Детето ненадејно почнува да повраќа неколку часа по јадење, и тоа се случува повремено. Лекарите најчесто тврдат дека станува збор за обичен стомачен вирус. За жал, оваа слика им е добро позната на многу семејства со деца кои имаат посебен тип алергија на храна, наречен синдром на ентероколитис предизвикан од протеини од храна, односно FPIES.

– Често останува непрепознаен со месеци, па дури и со години. Зошто? Затоа што не се манифестира како типична алергија. Нема исип, нема анафилакса, туку само упорно повраќање, задоцнети симптоми и збунети родители – објаснува педијатарот д-р Мона.

Што е FPIES?

Станува збор за реакција на одредена храна која предизвикува гастроинтестинални симптоми како повраќање и дијареја. Најчести предизвикувачи се: млеко, соја, јајца, житарки и школки. Симптомите обично се појавуваат од еден до четири часа по консумацијата на храната, а повеќето деца ја „надраснуваат“ оваа состојба до четвртата година од животот.

Најчести предизвикувачи

Иако теоретски секоја храна може да ја предизвика оваа реакција, најчестите виновници се: кравјо млеко, вештачко млеко за доенчиња, соја, овес, ориз, јајца и школки и морски плодови.

Постојат два вида FPIES: акутен и хроничен

Акутен FPIES – Симптомите се појавуваат од еден до четири часа по јадењето. Повраќањето и дијарејата можат да бидат многу силни, но обично исчезнуваат за 12 до 24 часа.

Хроничен FPIES – Се јавува кај луѓе кои редовно ја консумираат проблематичната храна. Се развива долготрајно воспаление со поблаги симптоми кои се јавуваат периодично и може да траат од 3 до 10 дена. Во периодите кога храната не се јаде, симптомите исчезнуваат.

Што го предизвикува FPIES?

Причината е претерана реакција на имунолошкиот систем, кој одредена храна ја препознава како опасна. Клетките во дигестивниот тракт предизвикуваат воспаление, што доведува до повраќање и дијареја.

Компликации

Во некои случаи, FPIES може да доведе до сериозни состојби како шок (екстремно низок крвен притисок) и дехидрација, што може да биде животозагрозувачко.

Дијагноза и третман

Дијагнозата е тешка бидејќи FPIES наликува на други гастроинтестинални состојби, а не постои посебен тест. Лекарот поставува дијагноза врз основа на детална историја на симптомите.

Третманот се состои во олеснување на симптомите. Понекогаш се даваат кортикостероиди за намалување на воспалението и инфузии за спречување дехидрација. Може да се дадат и лекови против повраќање.

Добрата вест е дека повеќето деца ја надминуваат оваа состојба до третата или четвртата година. Дотогаш, важно е да се идентификува храната што ја предизвикуваат реакцијата и внимателно да се следат симптомите бидејќи сериозното повраќање и дијарејата можат да бидат опасни.

Совет за родителите: Ако вашето дете често повраќа неколку часа по оброк, без други алергиски симптоми, не исклучувајте ја можноста за FPIES и инсистирајте на детална процена.

Извор

Поврзани написи

To top