ПРАШАЊЕ: Син ми има 6,5 години и е прво одделение. Речиси цела година имаме проблем на училиште – ги задева децата, прави глупости на своја штета само за да биде интересен и да им привлече внимание на другите. Имавме проблем со родителите и стигнавме и до директорката и до градоначалникот. Го носев и на процена во МкФ каде што ми рекоа дека детето нема никаков проблем и може да посетува училиште. Од училиштето ни предложија да паузира една година, но јас одбив. Седев со него на часови две недели, а потоа беше префрлен во другото одделение по барање на директорката. Во меѓувреме му направив ЕЕГ кое покажа дека има проблем само со концентрацијата и говорот. Му направив и неврофидбек-третмани. Во другото одделение сѐ беше супер до распустот, но повторно почна да ги задева другарчињата и да одбива каква било наредба. Сега ќе почне да се занимава со спорт. Ве молам за совет, што да преземам за да го надминеме овој проблем.
ОДГОВОР: Честитам за вашиот досегашен ангажман и вложен напор со цел надминување на ситуацијата со која се соочува вашето дете, вклучително и вие. Сте ги презеле примарните чекори од типот направена е развојна процена, ЕЕГ, неврофидбек-третмани и се утврдени тешкотии со концентрација и говор. Во моментов вклучувате спорт.

Овде би советувала да се направи соодветна спортска процена за тоа со каков спорт би требало да се занимава детето, потребно е да го тренира најсоодветниот спорт за неговата подготвеност, а не каков било спорт. Во секојдневието вклучете милениче со кое ќе остварува секојдневен контакт. Може да посетува часови по јавање коњ. Во контекст на когнитивната поддршка, потребен е невропсихолошки тренинг со стручно лице каде што би се стимулирале концентрацијата и говорот. Додека, пак, од воспитен аспект, особено важни ќе бидат вашите воспоставени и доследни правила, како и граници на поведението, со што ќе се јакнат дисциплината и прагот на фрустрација.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com