Образование

Што е тоа фонолошка свесност и како да ја подобриме кај првачињата, совети од психологот Христина Стефановска

Уште во предучилишна возраст децата одеднаш почнуваат да прашуваат како да го напишат своето име, од нив се бара со самиот почеток на прво одделение да го знаат тоа. Веќе во прво одделение со првите научени букви од азбуката тие копираат зборови од постери и книги, ги препознаваат знаците или буквите на вратата, билбордите и имаат зголемен интерес за тоа што пишува на одредено место, па на тој начин си помислуваме дека тие се подготвени да читаат.

Но, при поттикот и соочувањето со детето кога го прашувате: „Кој е последниот звук што го слушаш во зборот тротинет?“ Детето ви вели: „Е” или „А“. Или пак само молчи.

Тука, всушност, започнува развојната приказна за вештините пред читање која треба да биде во согласност со образовната програма на учениците со цел подобро описменување.

Читањето не започнува со учењето букви. Читањето започнува со слушање на јазикот.

Најпрво, детето мора да го развие она што го нарекуваме фонолошка свесност или способност да се доживее зборот не само како значење, туку како звук што може да се расклопи и повторно да се состави.

Ова значи дека детето може:

– да го издвои првиот глас

– да препознае рима

– да ја чуе разликата помеѓу слични гласови (в, ф)

– да комбинира гласови во збор

– да го разложи зборот на делови (ма-ма)

Ако ова не е развиено, детето може да научи да го пишува своето име, но само напамет. Детето ги знае буквите. Но, не го слуша гласот во зборот. Кога ќе почне да чита, читањето станува бавно, несигурно и исцрпувачко. Тоа е клучниот момент за препознавање.

Добрата вест е дека ова може да се развие сосема природно преку секојдневен стимулативен говор, движење и секојдневни социјални ситуации, но може и да се вежба преку практични вежби за да се достимулира.

Еве еден таков пример:

На една страна од празен лист го цртате зборот што сакате детето да го напише, на пример, цртате куќа и до зборот за почеток оставате прва буква К, а потоа оставате три празни цртички К_ _ _ . Совладувате зборови со три, потоа со четири гласа, потоа и повеќесложни зборови, на пример, зборот тротинет го ставате во празни цртички и на средина еден запишан глас : _ _ _ т _ _ _ _. Секојдневно вежбате од 10 до 20 збора од едносложен до повеќесложен збор.

Фонолошката свесност и зрелост ќе дојде, имајте трпение, па ќе го видите тоа. Ниедно учење со притисок не го направило детето среќно.

Автор: м-р Христина Стефановска психолог и автор на литературата за деца

Поврзани написи

To top