Сигурна сум дека и вас ве плашеле кога станавте мајка и го почнавте својот стаж на доење. Пријателите и семејството веднаш побрзаа да ви кажат дека ве чека период на рестриктивна исхрана.
Главните и на сите добро познати „виновници“ се варена зелка, мешунки, јагоди, цитрусно овошје и др. И мајките многу често се лишуваат од овие намирници. Кој би одолеал на ладна лимонада или јагоди во лето?
Но, најновите правила велат дека не треба да се лишувате од каква било храна!
Целата храна што ја внесувате многу малку влијае врз вкусот на млекото. Мајчиното млеко содржи лактоза, која го прави да биде поблаго и тоа му е секогаш основен и најсилен вкус. Сепак, да ги разгледаме најчесто „обвинетите“ намирници:

Мешунки – ги внесуваме во преработена и за нас приспособена форма. Со потопување и долго готвење, се обидуваме да ги направиме што е можно полесни за нашиот дигестивен тракт. Мајчиното млеко сите хранливи состојки ги црпи од крвта, па самиот протеин, на пример, од гравот доаѓа во целосно преработена форма од онаа што ние ја добиваме. Поради овие причини, мешунките речиси никогаш не претставуваат проблем за бебињата.

Цитрусно овошје (портокал, лимон, грејпфрут) – исто така не претставува „опасност“ за бебето, ниту пак го прави млекото кисело.

Јагодите – само потрудете се да најдете непрскани!

Зачини – под ова мислам на бибер, лута пиперка, куркума, кари, цимет итн.- речиси незабележливи во вашето млеко, но сепак доволни за бебето да ги вкуси.

Иако многу често како алергени се јавуваат јагодата и грејпфрутот, бебето преку вашето млеко ќе биде изложено на нив само преку разредена форма, и нема да реагира бурно доколку постои алергија, туку постои можност да добие благ исип или да се појави мала вознемиреност. Ова ќе ви биде идеален сигнал и знак да го отстраните „виновникот“ од исхраната, а да бидете внимателни кога ќе ги воведувате истите намирници кога вашето дете ќе почне да јаде цврста храна.

Значи, не скратувајте си ништо од горенаведеното, освен ако бебето не покаже дека тоа му пречи.

Тоа што треба да го ограничите во вашата исхрана и она на што многу бебиња бурно или поблаго реагираат е следново:

– Кој било мултивитамин што содржи железо или се внесува само железо во форма на терапија. Ова може да им пречи на бебињата, па доколку забележите почести грчеви, прекинете го внесот барем на неколку недели, додека дигестивниот тракт на бебето не созрее.
– Кравјо млеко и млечни производи од него. Во последните години овие производи се покажаа како први на листата со „проблематични“ намирници и понекогаш некои бебиња реагираат, па имаат грчеви, исип, зелен измет. Секако, лимитирајте сè од оваа група, јадете повеќе ферментирани производи, а доколку забележите некои од горенаведените симптоми кај бебето, целосно исфрлете ги од исхраната сите кравји производи барем на неколку недели.
– Шеќер – во форма на купечки овошни сокови, слатки, сладолед, шеќер во кафето, газирани пијалаци. Намалете го внесот во разумна мера, колку само да ви создаде задоволство и тоа најидеално е во форма на црно чоколадо.
– Индустриски производи од месо – овие производи не треба да бидат дел од ничија исхрана, а особено не на мајките што дојат.
– Кофеинските пијалаци – не избегнувајте го внесот на кафе или чај, но сведете го на една до две шолји дневно.

На оваа листа ќе додадеме и некои познати блокатори на мајчиното млеко кои би било идеално да ги избегнувате, а тоа се: маточина, нане, жалфија и магдонос.
Исто така, доколку ви е препишана каква било терапија во форма на фармацевтски лек, консултирајте се со советник за лактација за да дознаете дали тој лек е соодветен за доење или не.
Уживајте во исхраната и внесувајте многу овошје и зеленчук, а бебето секако ќе ужива во вашето млеко.



912

X