Здравје

Што да јадат мажите, а што жените ако сакаат да станат родители

Многубројни научни студии докажале дека нормализирањето на телесните масти влијае врз урамнотежувањето на нивото на репродуктивните хормони и на подобра плодност

Храната и плодноста се неизоставно поврзани затоа што за зачнување дете, потребни се здрави јајце-клетки и здрави сперматозоиди, како и добра општа состојба на организмот. Одредени продукти и урамнотежена исхрана можат да ја намалат количината на стрес, да го подобрат здравјето на репродуктивните органи и да го обезбедат организмот со доволно количество хранливи материи.

Многубројни научни студии докажале дека нормализирањето на телесните масти влијае врз урамнотежувањето на нивото на репродуктивните хормони и на подобра плодност.
Неисхранетоста ја намалува плодноста кај жените бидејќи намалувањето на процентот на масно ткиво влијае врз овулацијата, а намалувањето на телесната маса од 15 отсто може да резултира со неуреден менструален циклус.

– Кај жените е многу важен поволниот нутритивен статус и адекватната работа на тироидната жлезда. Разновидната, сезонска, медитеранска исхрана е најдобриот прехранбен модел, а конкретни продукти што можат да придонесат за подобар здравствен статус, пред сè, треба да бидат оние што се добар извор на фолна киселина, важен нутритиент во периодот пред зачнувањето и во првото тримесечје од бременоста. Продукти богати со фолна киселина се мешунките, агрумите, житарките од цело зрно, темнозелениот листесет зеленчук, пилешкото месо и црниот дроб… Исто така, треба да посветите внимание на адекватниот внес на минерали, првенствено на железо, селен и цинк, кои можат да се пронајдат во црвеното месо, животински црн дроб, темнозелениот листест зеленчук, цвеклото, интегралните житарки и мешунки, како и во рибите и во морските плодови, кои истовремено се и најдобар извор на омега 3-масните киселини – објаснува нутриционистката и дипломиран инженер по прехранбена технологија Кармен Матковиќ-Мелки.

Од друга страна, кај мажите дебелината влијае врз плодноста, не само затоа што резултира со намалено создавање на сперматозоиди туку и нивниот квалитет е послаб. Кај мажите, според нутриционистката Матковиќ-Мелки, за квалитетот на сперматозоидите исклучително е важен и добриот нутритивен и здравствен статус. Постои врска помеѓу прекумерната телесна маса и квалитетот на сперматозоидите (бројноста и подвижноста), па се препорачува оптимална исхрана во која е значајно да се редуцира внесот на рафинирани производи, заситени масти, шеќер и алкохол.

На мажите им се препорачува телесна активност и исхрана богата со протеини, односно аминокиселини, меѓу кои се издвојува аргининот (свежо сирење, ферментирани млечни производи, сурутка, црвено месо, дивеч, сина риба и морски плодови, хељда, овес).
– Важно е во исхраната да се вклучат продукти богати со силни антиоксиданси: цинк, витамин Е (јаткасти плодови, семки и квалитетно растително масло, пченка, лен, маслиново масло), коензим Q10 што може да се најде во квалитетните месни извори, пилешкото месо (посебно внатрешни органи), како и во сината риба, семките и кикиритките – додава Матковиќ-Мелки.
Нутриционистката доц. д-р спец. Дарија Вранешиќ-Бендер истакнува дека антиоксидансите имаат клучна улога во плодноста на двата пола. Високиот внес на тие материи кај жените може да го намали оксидативниот стрес во јајце-клетките, а кај мажите може да ги подобри бројот, структурата и подвижноста на сперматозоидите.

Со поттикнувањето на телото да произведува одредени невротрансмитери, некои продукти може да влијаат и врз расположението и врз желбата за секс. Така, на пример, допаминот е главниот „виновник“ за тоа што се чувствуваме добро и мотивирано. Телото го произведува од аминокиселината тирозин, која најмногу ја има во мисиркиното и во пилешкото месо, црвеното месо, школките, туната, млечните производи и јајцата, авокадото и бананата.

Потребно е да се консумира полномасно млеко бидејќи тоа поволно влијае врз јајчниците, како и полномасни јогурт и сирење затоа што на телото му се потребни маснотии за да ги апсорбира нутритиентите што влијаат врз плодноста. Многу силен антиоксиданс е и бета-каротенот, со кој изобилуваат морковите, кељот, спанаќот и компирот.

Харвардска студија објавена во списанието Американ џурнал оф обстретикс анд гинеколоџи“, во која во текот на осум години биле набљудувани повеќе од 18.000 жени, покажала дека високиот внес на протеини од продуктите од растително потекло ги зголемува шансите за зачнување.
Ризикот од овулаторна неплодност бил за 50 отсто помал кај жените што 5 проценти од својот дневен внес на енергија го обезбедувале преку растителни, а не преку животински протеини.

Продукти за жените:

– Фолна киселина – блитва, спанаќ, броколи, штавеј, зелка, прокељ, аспарагус и мешунки;
– Тирозин – мисиркино месо, пилешко месо, црвено месо, школки и туна, јајца и млечни производи, авокадо и банани.

Продукти за мажите:

– Коензим Q10 – говедско месо, пилешко месо, свинско месо, сина риба, лосос, пастрмка, јаткасти плодови;
– Витамин Ц – агруми, бобинки, зелен листесет зеленчук, пиперка;
– Витамин Е – јаткасти плодови, семки и масло од семки.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top