Штрудла, пита со сирење и спанаќ или мафини со парчиња овошје – сите овие јадења се одличен избор на оброци кои можете да ги понесете со себе на семеен излет. Добра идеја се и сендвичи направени од сирење и разни видови зеленчук, како и салати направени од тестенини, јачмен, кускус или ориз, со месо или туна и зеленчук.
Обидете се да не додавате салами во сендвичите, како и мајонез и слични сосови на база на јајца бидејќи тие полесно се расипуваат. Наместо сос, во сендвичот или салатата додајте една лажица јогурт или павлака. Понесете и малку овошје за освежување. Најпрактична е овошната салата, која можете добро да ја изладите пред патувањето.
Доколку немате време дома да подготвувате храна, можете да изберете некои производи од пекарница, како бурек или лиснато тесто со сирење или сендвичи, но внимавајте тоа да биде храна која нема лесно да се расипува на повисоки температури.
Задолжително спакувајте ја храната во помали пакувања, во вреќички (овошјето) или во алуминиумска фолија (сендвичи, пити и слични работи), или чувајте ја во помали пластични садови (салати од месо и зеленчук или овошна салата), за да не мора да ја отпакувате целата торба ако само едно лице сака да јаде нешто. Поголемиот дел од храната треба постојано да се чува во поладна кеса или во ладилник за патување, за да се спречи труење со храната, во случај да се расипе. Значи, она што не сте го јаделе, а би можеле да го јадете подоцна, задолжително вратете го во кесата, која треба да биде добро затворена и обидете се да ја држите во сенка.

Не заборавајте да носите многу течности. Попатно можете да купите ладна вода, а би било погодно да понесете и две лимонади или некој чај што сте го свариле и изладиле претходно. Уште повеќе, можете да ги замрзнете пијалаците и да ги ставите во кеса бидејќи така температурата околу храната ќе биде пониска, а пијалакот ќе остане ладен подолго. Не купувајте сокови со додадени шеќери, наместо тоа, одвојте дел од овошната салата во мала чинија за да можете да ја испасирате и да ја додадете во водата што ја пијат децата.
Понесете грицки бидејќи децата може да имаат зголемен апетит во природа. Избегнувајте бисквити со крем или чоколадо.
Покрај храната, на пикникот ќе ви треба и ќебе, кое на дното треба да има пластична основа за да не впива влага од земјата. Понесете салфетки, влажни марамчиња за дезинфицирање на рацете пред јадење, неколку пластични чаши и пластичен прибор за јадење и најмалку еден цврст нож. Добро ќе ви дојде и термос со кафе, иако попрактично е да понесете неколку кесички за ладно кафе и да ги измешате со вода на самото патување.
И не помалку важно: ако излегувате во природа, не заборавајте да понесете соодветна облека и чевли, вклучувајќи капа, крем за сончање и нешто за да уживате пикникот: бадминтон или тениски рекети, топка и карти за играње со кои и децата и вие возрасните може да се забавувате.
Автор: Маријана Матковиќ/Тина Кос