На прашањето кои му се верни другарчиња во училиштето, првачето Јаков Христов нѐ изненади со одговорот. Ги наброја Палче, Црвенкапа, Снежана, џуџињата… Го прашавме каде ги наоѓа, а тој без двоумење ни одговори: „Во сликовниците“

Многу училници низ државата во кои се држи настава за првачиња изобилуваат со играчки, но во одделението на Јаков во Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Битола најмногу има сликовници, бајки, сказни и друга детска литература. Неговата наставничка Жанета Тошеска неодамна беше избрана за читател на годинава од страна на Универзитетската библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола, откако за време на пандемијата прочитала најмногу книги од сите читатели, 71. Тоа во просек доаѓа по една изнајмена и прочитана книга на пет дена. Ако на ова се додаде и друга прочитана литература од семејната библиотека каде што книгите ги купува сама, тогаш може да се каже дека чита една книга за два дена.

Родителите да читаат, а децата го следат нивниот пример

– Уште не знам да читам, но кога ја слушам наставничката како секој ден ни чита приказни и други текстови, одвај чекам и јас да научам така да читам. Сакам да читам за принцезите, за нивните добри дела – рече ученичката Лана Јовановска.

Во одделението на Тошеска, без разлика од кој предмет се обработува наставна содржина, се почнува со читање на приказна или текст што ќе им го привлече вниманието на учениците. Наставничката го одбира тој пат за кај децата од мали нозе да ја всади љубовта кон книгата, кон читањето. Веќе десет години е просветен работник, прво беше наставник по македонски јазик, а сега и одделенски. Признава дека низ годините учениците сѐ помалку читаат.

– Водам секојдневна борба за читање. И така со години. Малите ученици настојувам да ги заинтересирам со сликовниците во кои има прекрасни илустрации, со тоа гледам им да го привлечам вниманието. Со обрнување внимание за ликовите, на илустрациите, како се тие облечени, како се однесуваат. Постојано барам нови интересни бајки, сказни по книжарниците, сликовници, па ги поврзуваме со цртаните филмови за да им бидат интересни. Понекогаш купувам и од мои пари. Децата ги бараат, сакаат конкретно некоја сликовница, па прашуваат ако можам да ја најдам. И јас сите книжари ќе ги поминам и ќе ја најдам – вели Тошеска.

Наидува на отпор за читање

Порачува родителите да им читаат на децата колку што можат повеќе. Тие го следат нивниот пример. Раскажувајќи за искуството во текот на образовната практика, вели дека чисто наидувала на отпор за читање од родителите.

– Како наставник разговарав и разговарам и со родителите и настојувам и тие да им читаат, бидејќи се првачиња и уште не знаат самостојно да читаат, затоа тоа треба да им биде обврска, односно задоволство на родителите. Но, често низ годините наидувам на силен отпор од родителите. И кога задавам домашна задача за да се прочита нешто, помалку од половина ќе ја сработат домашната. Ќе им кажам дека треба да им прочитаат конкретна приказна, половина прочитале, половината немале време, биле на шетање. Отпорот не доаѓа конкретно од децата, туку од родителите – вели наставничката.

И пред десет години, кога почнала да предава како наставник по македонски јазик, наидувала на отпор за читање иако тогаш технологијата не била толку развиена. Тогаш учениците повеќе гледале телевизија, слушале музика, за што Тошеска вели дека и тоа е потребно, но барем да се зачини со некоја книга.

„Ех ќе читам книга, кога сѐ има скратено на интернет“, велат учениците

Во повеќе наврати има организирано посети на библиотеки. Но, децата се заинтересирани само додека се шетаат и разгледуваат, а потоа забораваат. Денес главниот противник е интернетот.

– Има некаква одбивност. Велат: „Ех книга, сега кога можам сето тоа да го најдам на интернет да го прочитам накратко и да завршам со таа работа“. Голем проблем е тоа што сѐ има на интернет, можеме накратко да ја прочитаме содржината, знаеме кој е авторот и ја знаеме книгата, а порано не беше така – додава Тошеска.


Таа се надева дека со сопствениот пример ќе ги поттикне учениците повеќе да читаат. Смета дека и во училиштето и дома треба да бидат опкружени со наставници и родители кои читаат за заедно да ја извојуваат битката – секој ден некоја плус прочитана страница, секоја недела плус прочитана книга, а за една година багаж од знаење кој ќе создаде начитана и образована младина.

И кафе пие и гледа филм со книгата в рака

Инаку, Тошеска секој слободен момент дома го користи за читање. И кога пие кафе, и кога гледа филм на телевизија ѕирка во книгата, понекогаш и сонот го крати за да почита нешто интересно, но никогаш во текот на денот не останува без време предвидено за читање литература.



912

X