Марија почнала да покажува интерес за цртање уште на три години. Цртањето ја релаксира, ја исполнува. Тоа го прави незадолжително, без притисок и затоа што навистина сака

Секој ден црта седумгодишната Марија Трајаноска од Прилеп. И ниже и награди за креативната работа. Црта буквално сè, а тоа го прави со љубов, уживање и голема страст, вели мајка ѝ Зорица. Ни ја нацрта и ни ја испрати и сезнајката Биби, која ѝ е голема инспирација. Ни испрати и дел од своите дела.

Третоодделенката во Основното училиште „Кире Гавриловски-Јане“ во Прилеп учествувала на повеќе меѓународни изложби, како „Литл Зограф“ во Бугарија, Меѓународен детски ликовен конкурс во Лидице, Чешка, Ликовен конкурс од Форма идеале, Србија, Меѓународен ликовен конкурс организиран од УНИЦЕФ Јапонија, на кој добила почесна пофалница.

Има освоено трета награда на ликовниот конкурс „Ладна“, а учествувала и на конкурси на Народна банка на Република Македонија, НЛБ Тутунска банка, Шпаркасе банка… Нејзиниот цртеж е избран во најдобрите на ликовната акција „Мали цртаџии“, а по негова шема бил изработен керамички брош – настан од хуманитарен карактер.

Марија со сестричката Марта

Црта од три години

Марија почнала да покажува интерес за цртање од нејзината трета година.
– Цртањето ја релаксира, ја исполнува. Тоа го прави незадолжително, без притисок и затоа што навистина сака. Ги има нацртано речиси сите ликови од цртаните филмови, сака да црта животни, црта на одредена тема и можам да кажам дека е многу креативна – вели Зорица.

Марија најмногу се дружи со својата сестра Марта, која има 5 години. Играат со кукли, дизајнираат облека за нив, гледаат многу цртани филмови, особено ги сакаат цртаните филмови на „Дизни“, како Коко, Приказна за играчките, Фердинанд, Добриот диносаурус, Моана, Фроузен, но и редовно гледаат Пепа прасе, Бен и Холи и нивното мало кралство.
– Последна преокупација им е Биби со нејзините прекрасни приказни. Марија сака да биде како Биби. Зборува како неа, дури сака и да вежба карате како неа. Приказните ги знае напамет – вели Зорица.

Марија и на училиште и надвор е мирна, културна, соработлива, а дома е темпераментна и палава.
– Особено кога е во сојуз со сестра ѝ – вели Зорица.

Љубовта и хармонијата – најважни

Има многу другари, а најдобра другарка ѝ е Елена. Освен што сака да црта, сака да вози и велосипед и ролери, да чита приказни, но и да гледа видеа на компјутер.
– Јадам готвена храна, јадам и зеленчук и овошје, ама многу сакам чоколадо. Гуми за џвакање и бонбони не толку – се смее Марија.
Освен родителите, никој не работи со неа за развој на талентот.
– Но таа сама добро си го одредува темпото за развој. Ние како родители сме присутни во нејзиниот живот колку што можеме. За нас, најважно е да ја стекнеме довербата на децата. Ги воспитуваме трудејќи се да им бидеме позитивен пример – вели Зорица.
Во нивното потесно семејство никој друг нема интерес за цртање.
– За нас, најважни се љубовта и хармонијата во семејството, посветеноста едни на други и градењето меѓусебна доверба – вели Зорица.



912

X