однесување Прашај психолог

Се оддалечува од мене без да се сврти, не пробува нова храна, покажува агресија… Дали е потребна посета на дефектолог или психолог?

ПРАШАЊЕ: Станува збор за тригодишно дете што ги поседува следните карактеристики:

Одбива инструкции од родители. Се оддалечува премногу од мене, без да се сврти. Не слуша дека треба да застане, туку мора со трчање да ја стигнам. Повишува тон на возрасни и врсници кога одговара на прашања. Доколку користи некоја од лулашките на игралиште, не сака другарче да седи до неа, бурно реагира дека треба да се тргне детето (нешто што забележав дека другите деца на нејзина возраст не го прават). Доколку забележи дека детето до неа е индиферентно, може да го прифати неговото присуство, во секој друг случај реагира несоодветно. Кога добива негативен одговор за нешто или насока дека не смее да прави нешто, бурно реагира, со агресија наидува на лицето што ѝ вели да не прави нешто и пробува да го удри. Пребирливоста за храна е голема, со тоа што никако не сака да пробува нови храни. При позитивна или негативна емоција ги стега забите.

Од позитивни карактеристики можам да издвојам дека зборува многу и ужива во музика. Оди во градинка, но почесто е дома затоа што многу се разболува. Кога е во присуство на познати деца, доколку не ѝ дозволат да земе нешто нивно, дружбата секогаш завршува со кавга. Моето прашање е дали овие карактеристики укажуваат дека е потребна посета на дефектолог или психолог?

ОДГОВОР: Она што го опишувате за вашето дете не мора веднаш да се гледа како „голем проблем“. На возраста на која е, децата често бурно реагираат, покажуваат интензивни емоционални реакции, ги истражуваат границите и тешко се носат со фрустрациите. Тоа е дел од нормалниот развој. Но важно е да се обрне внимание како вашето дете се справува со тие состојби и колку тоа го отежнува неговото секојдневие и контактите со другите, а вие како родители можете да помогнете.

На оваа возраст децата сѐ уште немаат доволно развиена способност за саморегулација. Тоа значи дека детето не може само да ги смири силните чувства, туку му е потребен возрасен кој ќе му помогне во тоа. Кога одбива инструкции, бурно реагира или станува агресивно, тоа е обид на детето да се избори со својата внатрешна напнатост која не умее да ја изрази на поинаков начин. Агресијата и отпорот не се „лошо однесување“, туку сигнал дека ѝ е тешко.

Вашата улога како родители е многу важна, а тоа е не да ја искорените агресијата веднаш, туку да ѝ покажете на вашата ќерка дека може да ја издржи својата лутина и разочараност без да биде одбиена и отфрлена од вас. Детето учи преку вашата смиреност, јасните граници и вашата топлина. Кога ќе каже „не“ или ќе реагира бурно, важно е да останете присутни, смирени, да се спуштите на нејзино ниво и да поставите граница („Разбирам дека си лута, но не смееме да удираме“), и да ѝ понудите начини како поинаку да го искаже тоа чувство (на пр., преку збор, игра или движење).

Исто така, вреди да обрнете внимание на моментите кога таа е мирна, љубопитна или се радува, и да ги зајакнувате тие искуства. Децата учат не само преку исправување, туку уште повеќе преку препознавање и поддршка на нивните позитивни изразувања.

Мој предлог е првиот чекор да биде разговор со психолог, не затоа што „нешто не е во ред“, туку за да добиете поголема слика околу тоа што е развојно очекувано и како конкретно ВИЕ можете да ја поддржите во нејзиниот развој. Психологот може да ви покаже и практични вежби за зајакнување на саморегулацијата, социјалните вештини и толеранцијата на фрустрација.

Ако е потребно, психологот понатаму ќе ве упати и кај дефектолог.

Во меѓувреме, играјте со неа, влезете во нејзиниот свет на игра, менувајте улоги и она што таа го прави, пренесете го во играта со нејзините кукли.

Вашето дете ќе расте преку искуствата со вас, ќе научи дека силните чувства можат да се поднесат, разберат и на поинаков начин да се изразат. Колку повеќе таа чувствува дека е видена и прифатена, толку полесно ќе научи да се носи со своите силни чувства.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top