За образованието во Ирска раскажуваат родители од Хрватска кои веќе девет години живеат во Даблин. И двајцата се вработени со полно работно време, а нивната ќерка годинава тргна на училиште, но не во класично прво одделение, како што е случајот во Хрватска.

Во Ирска, предучилишното образование е задолжително и се одвива во рамките на училиштето. Децата во предучилишно образование можат да се запишат најрано од четири и пол години, а најдоцна од пет и пол до шест години. Првата година од предучилишното образование се нарекува „Junior Infants“ (помлади деца), а втората година од предучилишното образование се нарекува „Senior infants“ (постари деца). Потоа децата тргнуваат во прво одделение. Основното училиште завршува на крајот од шестото одделение, што всушност е осумгодишно „училиште“ броејќи го и предучилишното образование. По завршувањето на основното училиште децата почнуваат средно училиште, кое трае од пет до шест години, информираат родителите од Хрватска.

Нивната ќерка, всушност, сега е трето одделение бидејќи се бројат и првите две години од задолжителното предучилишно образование. Сепак, родителите нагласуваат дека образовните системи и функционирањето на училиштата во Ирска се разликуваат од регион до регион и дека е можно да има поинаков начин на настава на друго место.

-Во Ирска има неколку видови основни училишта. Нашето дете ја посетува „Educate Together“ програмата. Училиштето започнува во 08:30 и завршува во 14:10 часот. Времето на почеток и крај се разликува од училиште до училиште. Училиштата се само делумно финансирани од државата, а остатокот доаѓа од заедницата, преку различни активности за собирање средства. Поради оваа причина, степенот на образование не е ист во сите училишта, што мислиме дека не е добро. Училиштата во побогатите населби имаат подобри училишни и вонучилишни изборни програми, велат родителите.

Нивното училиште има и ученичка комисија составена од по двајца претставници од секое одделение и одржуваат неделен состанок со директорот, каде што можат да му кажат што може да се подобри во училиштето. Родителите објаснуваат дека децата во Ирска имаат часови по математика, англиски, ирски и предмет кој е сличен на природа и општество во Хрватска, само што во нивниот случај тој предмет се нарекува – врски и сексуално образование. Додаваат дека овој предмет е различен во секој клас бидејќи е приспособен на возраста на учениците.

– Во Хрватска образовниот систем е многу потежок. Децата во Ирска поминуваат повеќе време во учење преку игра и сакаат да одат на училиште. Особено помалите деца кои играат разни игри за подобрување на моториката. Хрватското образование нуди повеќе општи знаења, додека Ирска е поопуштена и не врши голем притисок врз децата или родителите. Резултатот е среќно одење на училиште, но долгорочно сè уште не знаеме што е подобро, барем во однос на стекнатото знаење. Засега сме наклонети кон тоа дека хрватскиот модел е подобар, велат родителите.

Во Ирска некои училишта нудат и дневен престој, што всушност е продолжен престој во Хрватска. Меѓутоа, во Ирска оваа опција се доплаќа и како што кажуваат родителите, прилично е скапа, а се состои од пишување домашни задачи, игри, разни забавни работилници и ручек. Со оглед на тоа дека и двајцата работат, нивната ќерка има потреба од престој и треба да ја земат најдоцна до 18:30 часот. Покрај тоа, нивното училиште организира разни активности по завршувањето на часовите, како танц, лего-клуб, шпански јазик, фудбал, музика, но и овие часови се плаќаат дополнително.

„Годишно има само една родителска средба, а доколку сакате дополнителни информации, треба да се обратите кај наставничката, што баш и не ни се допаѓа. Би сакале да имаме повеќе информации за напредокот на детето. Секое училиште има апликација преку која родителите можат да комуницираат со училиштето и да добиваат различни известувања. Наставникот ја објаснува домашната задача на апликацијата, директорот испраќа известувања на ниво на училиштето и слично. Освен тоа, нашето училиште има и дигитален неделен весник, во кој има преглед на сработеното таа недела во сите паралелки, фотографии, известувања и слично“, велат родителите.

Пријавувањето за училиште во Ирска започнува една година порано и се следи редослед, а можно е, доколку има премногу апликации, детето да не биде примено во училиштето. Затоа, потребно е да се аплицира во неколку училишта, а условите се возраста на детето и локацијата, односно приоритет имаат оние што живеат поблиску до училиштето.

Автор: Раниба Шчуриќ

Извор



912

X