Ова е решение за 2 месеци. Родители велат дека не им е јасно која ќе биде процедурата за да си ги рефундираат парите од Општината
Родителите на ученици во основните училишта во Општина Аеродром во следниве два месеци ќе треба да платат по 1.990 денари за храната што ја добиваат на училиште. Ова е предвидено во членот 5 во новите договори, кои вчера им биле дадени да ги потпишат, а кои се однесуваат за период од 60 дена. Родителите се збунети бидејќи само пред неколку дена имаше официјално соопштение од Општината според кое беше нагласено дека секој родител ќе плаќа по 1.500 денари месечно за топлиот оброк.
Од Општина Аеродром за Деца.мк велат дека ова е преодно решение додека не заврши тендерската постапка за избор на нова фирма која ќе треба подолгорочно да ги снабдува децата со топол оброк.
– Минатата година мојата ќерка беше прво одделение и плаќавме 1.070 денари за храна. Сега е второ одделение и за храна плаќаме двојно повеќе. Добивме многу висока цена, а нема значителни промени во менито, храната е речиси иста. Ни рекоа и дека ќе субвенционира Општината, но никој не ни ја објасни постапката, што треба да направиме и каде и кои документи да ги поднесеме за да си ги вратиме тие 500 денари што треба да ни ги врати Општината. Договорите со актуелната фирма ги потпишуваме на целосната сума – вели мајка на втораче во Основното училиште „Лазо Ангеловски“.
Родители велат дека не им е јасно и која ќе биде процедурата за да си ги рефундираат парите од Општината.
Тони Димов, директорот на училиштето „Браќа Миладиновци“, објаснува дека ова училиште годинава ја водело јавната набавка, за што сите други основни училишта дале согласност за да нема разлики во цената, туку да биде иста за сите деца во Општината.
– Во моментов храна обезбедува фирмата „Далма кетеринг“. Храната е топла и е убава, не е замрзната како што се шпекулира, децата ја обожаваат. Инаку, секоја година различно училиште ја спроведува постапката за јавна набавка. Во учебната 2017/2018 година тоа го направи училиштето „Љубен Лапе“, следната година – „Лазо Ангеловски“, а годинава тоа го направив јас. Објавивме јавна набавка на Бирото за јавни набавки, се пријавија компании, се водеше постапка. Првата постапка падна, па се обжали. Потоа побаравме согласност за непосредно спогодување за следниве два месеца затоа што веќе почна второто полугодие и моравме да обезбедиме топол оброк за децата. Откако се избра најповолна фирма, таа почна да приготвува храна во училиштата. Не е ништо преку ноќ донесено или во четири очи, сè е транспарентно и тоа може да се провери – објаснува Димов.
Во врска со нејаснотиите околу тоа како да се дојде до 500 денари субвенција од Општината, тој уверува дека процедурата нема да биде комплицирана.
– На родителите сè им е објаснето, тие ги имаат сите потребни информации. Но, се наоѓаме во период пред избори, па некој ги користи овие моменти за политички да поентира, се користи моментот за да се направи забуна кај родителите. Секој родител треба да го пополни договорот со податоци и треба да го потпише. Фирмата ќе ги има податоците, а еден примерок од договорот ќе им биде вратен на родителите. Врз основа на правилник кој ќе го донесе Општината, родителите ќе добијат формулар во кој ќе ги напишат нивните трансакциски сметки за да може да им бидат исплатени тие 500 денари. Парите ќе им бидат исплатени веднаш, без да мора тие да одат во Општина или слично. Откако ќе завршат овие два месеца, ќе си има нова фирма избрана во законска тендерска процедура која ќе ги опслужува училиштата со храна – додава Димов.
Одговори побаравме и во Општина Аеродром. Оттаму потврдија дека е во тек нова тендерска постапка за избор на фирма затоа што договорот со моменталната фирма е на два месеца.
– Општина Аеродром ќе ја субвенционира разликата од 500 денари од сопствениот буџет, што значи родителите ќе плаќаат иста сума како и претходната година. Ваквата практика на субвенционирање функционираше и досега преку субвенциите за дел од трошоците за набавка на велосипеди, инвертер-клими, печки на пелети и чистење оџаци велат оттаму.
Второто полугодие за децата во Аеродром почна без топол оброк бидејќи била обжалена одлуката за избор на компанија која требаше да ги снабдува училиштата со храна. Десетина дена, додека се најде решение, децата на училиште си носеа храна од дома.
912