Концептот за правата на децата во нашата поширока јавност секогаш предизвикува спротивставени ставови. Ова се случува поради неколку причини.

Во судир со патријархалниот став

Прво, тоа е во спротивност со традиционалното и патријархално гледиште кое преовладува во нашето културно наследство – дека децата се објекти на образованието, а не активни учесници во него. На децата тука се гледа како на суштества на кои треба униформно да им се „истурат“ одредени правила, норми и знаења, без оглед на нивните индивидуални разлики, и во согласност со однапред одредени стандарди и очекувања. Од децата се очекува да послушаат и да дејствуваат.

Во овој концепт родителите се пренесувачи и извршители на воспитно-образовниот процес. Овој тип однос родител-дете се рефлектира во комуникацијата на ниво: „замолчи, слушај и прави што ти е кажано“.

Спротивно на тоа, корпусот на правата на децата имплицира дека воспитувањето е интеракција помеѓу две лица, едната возрасна и зрела, а другата во развој. Во оваа смисла, детето е индивидуа со специфични потреби и можности и е активен учесник во образовниот процес, што потоа подразбира сосема поинаква комуникација.

Проблемот е што одреден број родители не се доволно квалификувани за активна и конструктивна комуникација со децата. Факт е дека кај нас не е планирано обезбедување поддршка на родителите и зајакнување на нивните родителски компетенции. Родителите се оставени сами на себе и се снаоѓаат најдобро што знаат. Во исто време, општествениот контекст е толку многу променет што искуствата на претходните генерации (кои досега беа главниот родителски ресурс – „ние правиме така како што правеа нашите родители“), се целосно неупотребливи.

Во таа ситуација, кога старите шаблони не даваат резултати, а родителите не знаат како да постапат поинаку, тие често се чувствуваат беспомошно и исплашено, поради што понекогаш реагираат со гнев и незадоволство. Потоа се свртуваат кон случајни пребарувања на интернет или литература каде што има голема разновидност на секакви совети и упатства. Некои се снаоѓаат и наоѓаат помош, но голем дел од нив остануваат во уште поголема конфузија.

Каква социјална заедница сакаме?

Друг извор на отпор кон правата на децата лежи во фактот што тие се сметаат за финален производ, а не како дел од процес, и се гледаат целосно надвор од контекст.

Повторно, прашањето овде лежи во начинот на разбирање на детството и неговото значење за формирање на личноста. Вредностите што ги развиваме кај децата и начинот на кој се однесуваме и комуницираме со нив се основата на нивното идно функционирање. На крајот на краиштата, во игра е дефинирањето на целта за тоа каква општествена заедница сакаме да изградиме и развиеме, што зависи од тоа какви поединци ќе ја сочинуваат.

Во секој случај, на нашето општество му е потребна организирана поддршка на родителите и зајакнување на нивните ресурси за поконструктивно родителство. На добар пат ќе бидеме кога наместо родителскиот став „нема детски права кои мене ќе ми забранат да го удрам детето кога е потребно“, ќе дојдеме до желба да разбереме зошто имаме потреба да удираме дете и што да правиме превентивно за таа потреба воопшто да не се јавува.

Децата, како најбеспомошни и најслаби делови од општеството, секогаш се први на удар на разни психосоцијално проблематични настани. Дури и кога тие самите се во улога на сторители, обично подоцна излегува дека овие деца претходно биле во улога на жртви. И тука се во прашање повеќе фактори. Сведоци сме на зголемување на социјалната патологија, се зголемува и степенот на стрес во секојдневниот живот, а во пораст се и психичките болести. За очекување е сето тоа да има негативно влијание врз децата и тие да бидат меѓу првите што ќе ги трпат последиците од сето ова.

Ако веќе ги знаеме овие работи, треба да бидеме проактивни и да одговориме на случувањата во форма на амортизација и намалување на овие фактори на ризик. Бидејќи тоа не е секогаш лесно да се постигне на социјално ниво, би било неопходно да се организираат институционални форми на планирање помош и советодавна работа со децата, родителите и целите семејства. Децата ги ставаме како најголема вредност, но проблематично, интензивно штедиме на психолози, педагози, дефектолози, воспитувачи, наставници и други чинители на детскиот развој. Малку се професионалци кои се занимаваат со добросостојбата на децата и тие, за жал, припаѓаат на најниско платените професионални категории.

Авотр: Бранкица Станојевиќ/ психолог

Извор



912

X