Дали знаете дека книгите се бесмртни? И како можеме да препознаеме дека некоја книга има вечен живот? Откако ќе прочитаме толку убава книга, не престануваме да зборуваме за неа и таа да зборува преку нас. Сигурно се прашувате како може книга да зборува низ нашата уста. Е, па, многу едноставно – постојано, во секаков разговор, споменуваме по некоја убава мисла од таа книга. Ете, баш таква прочитав неодамна и не можам да се воздржам да не ја споделам со вас. Уште нешто што оваа книга ја прави посебна е тоа што на некој филмски режисер многу му се допаднала и снимил филм според неа (и филмот го носи истиот наслов – „Аги и Ема“ од писателот Игор Коларов).

Знаете, чудесните книги не нè оставаат рамнодушни. Тие се толку моќни, што го извлекуваат најдоброто од нас, па и ние стануваме создавачи. Тоа, мили мои, се нарекува инспирација и буквално е претставено вака:

Читате прекрасна книга и не сакате да заврши. Повремено, додека читате, се фаќате себеси како од возбуда ѝ аплаудирате на нејзината совршеност… како на театарска претстава. По завршувањето, длабоко вдишувате, ѝ кажувате дека ова не е крај, засукувате ракави и…
…Ѝ пишувате песничка (отсега на сè што премногу го сакаме – да му посветиме песничка)!
Или правите цртеж со ликовите и настаните; или им ја позајмувате на што поголем број другарчиња да ја прочитаат, или – или… приказната нема крај – до бескрај!

И еве ме мене, итам да ги споделам со вас моите доживувања:

Аги е деветгодишно момче кое секој би посакал да му биде другарче. Тој смета дека злобата е здодевна и секогаш нештата ги гледа од фантастичната (волшебната 😉 ) страна. Па така, ќе ви каже дека совршен начин да се избегне јадењето јаболка е да се јадат јагоди (неговото омилено овошје). Но, Аги е малку осамен зашто родителите постојано се селат и тој непрекинато трага по некој со кој би се дружел.

На улицата, спроти нивниот нов дом, Аги не престанува да го набљудува Маѓепсаниот Замок (како што ќе си ја нарече старата куќа што се клати и чкрипи кога ќе дувне ветре). И постојано се прашува кој и зошто би можел да изгради толку стара куќа?! Па така, ја запознава сосетката Ема – една старица која го живее 30.200-тиот ден од својот живот, а ја има речиси истата фантазија како онаа на Аги. Од тој момент тие стануваат неразделни. Нивните дружби изгледаат вака:

Играат шах без табла и фигури и по завршувањето на играта забележуваат дека победил некој што не ни бил присутен.

Одат во музеј и ги набљудуваат луѓето што ги набљудуваат предметите… всушност, забележуваат дека луѓето не ги набљудуваат предметите, туку дека се изгубени, па им ги измислуваат животните приказни.

Ема оди на родителските состаноци во училиштето на Аги и се претставува како негова сестра.

Аги смета дека кога душата би можела да се види под микроскоп, таа би го имала ликот на Ема.

Иако се неразделни, постојано си пишуваат писма и си разменуваат идеи. Ема, бидејќи е од друго време, му праќа телеграми.

Ема пишува поезија, а Аги е нејзината публика.

Аги и Ема заедно го учат животот.

Одат на лизгалиште. Од четирите вида лизгачи што самите ги одредуваат, Аги е Заземач на простор или Пречко, односно оној што се вкопува в место и не мрда.

Ема отсекогаш сакала да стане витез. Аги смета дека кога дамата е витез – тој витез мора да биде дама.

Одат во музејот на восочни фигури. Ема се претвора во восочна фигура – во витезот Емерниус. Сите гледаат во неа.

Аги и родителите повторно се селат. Тој е тажен и малку лут. Ќе се раздели од својата најдобра пријателка. Ема го теши.

Спроти новиот дом Аги забележува куќа пред распаѓање. Го потсетува на Маѓепсаниот Замок.

Во новиот Замок живее Ема.

Нивната приказна е бесмртна како оваа книга.

И наменета е и за родителите и за децата.

Па што мислите вие, родители и деца, за необичните пријателства? Можете ли да се сетите на некое вакво пријателство?

Која ви беше омилената реченица во оваа книга? Или, можеби, имате некоја омилена сцена?

Одвај чекам да ги чујам вашите впечатоци…

Пишете ми на citanka@deca.mk



912

X