однесување Прашај психолог

Ќерка ми има 6,5 години и плаче секој ден, не се смирува, а ние полудуваме… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 6,5 години и постојано плаче за сѐ што не е по нејзина желба. Може да плаче и да вреска со саати и нема страв дека ќе ја удриме или ќе ја искараме. Многу е интелигентна и може да се разговара со неа како со возрасен човек. Има многу љубов во неа, сака деца и да се дружи со нив, но денот не поминува без да плаче. Имаме пробано да разговараме со убаво и со лошо, но ништо не помага. Почнуваме да полудуваме од самиот плач, а не сака никако да се смири. Ве молам за помош.

ОДГОВОР: Напорно е и тешко постојано да се слуша плачот на детето, кој прави вие, родителите, да бидете емоционално преоптоварени. Кога мислите дека пробувате сѐ и тоа нема никаков ефект, тогаш се чувствувате исцрпени и беспомошни, со испреплетени чувства на вина и лутина. Но, ајде да видиме што се случува кај детето и колкав е капацитетот на вас, родителите, да се носите со тоа.

Ние, возрасните, некако умееме да се справиме со сѐ што се случува околу и во нас, имаме развиено способности и капацитети, но децата немаат доволно развиени способности, ниту пак умеат да реагираат како нас. Поради тоа, плачењето прави нешто кај детето, т.е. има функција: да ја изрази фрустрацијата, лутината, тагата, разочарувањето, беспомошноста итн. Во тие моменти кога детето е преоптоварено со силни чувства, телото се ослободува од стресот, се намалува внатрешната напнатост, тоа е начин на кој детето се „празни“, го изразува она што го чувствува на единствениот начин што го знае. Кај некои деца плачењето трае многу кратко и тие побрзо се смируваат, т.е. имаат развиено поголема корегулација, додека кај некои деца тоа може да трае малку подолго. Кај вашето девојче, како поминувале годините, тоа почнало да претставува еден вид „единствениот начин што таа го знае“ и во ситуации кога нешто не добива, нејзиниот мозок го избира најбрзиот излез.

Кога детето плаче интензивно и долго, не се активира само детето, туку се активираме и ние родителите, на многу подлабоко, често несвесно ниво. Плачењето на детето е еден од најсилните биолошки стресори. Од друга страна, се активира чувството на одговорност и вина, се допира личниот праг на толеранција и на крај се активира сопственото детско искуство. Сето ова честопати доведува до два вида однесување, а тоа е или  „прегрубо“ или „препопустливо“, т.е со викање – обид да се воспостави контрола, или со попуштање – обид да се врати мирот.

Затоа, детето со силни емоции не може да се смири само, но ни родителот не може бесконечно да биде смирувач ако и самиот е вознемирен, уморен и под притисок.

Ќе ви го претставам ова со моделот „авион – родител – дете“ затоа што тој многу добро ќе објасни што точно да се прави во вакви ситуации. Кога сме во во авион, секогаш ја слушаме истата инструкција:

„Прво ставете ја маската за кислород на себе, а потоа на детето“, а истото важи и за емоционалните кризи со плачење. Првиот чекор што треба да го направите е да ставите „маска на вас“, да не скокате веднаш да реагирате на „поправање“ на детето или да го игнорирате, туку да почекате 30 секунди за вие да се регулирате. Тоа значи да се смирите, бидејќи ако вие сте посмирени, ќе претставувате сидро за детето, во хаосот кој во тие моменти се случува во него. На тој начин му давате до знаење дека сте тука за него, а тоа на детето му дава чувство на сигурност, детето ја позајмува таа смиреност.

Вие тогаш сте стабилен родител кој „гледа колку е тешко“ или „слуша колку си лута“ без објаснување, без промена на одлуката. Значи границите се тука, а и константноста. Кога ќе заврши сѐ, можете да разговарате и да кажете: „Денес ти беше многу тешко кога не беше по твое, ти беше лута, тажна, вознемирена итн. Плачеше многу. Но… “

Регулацијата е релациски процес. Со текот на времето, со повторување и со поддршка, детето ќе учи дека силните чувства не се опасни, дека може да се преживеат и дека не мора секогаш да завршуваат со плач. А вие ќе учите дека не мора да се биде совршен за да се биде доволно добар родител. Љубовта не се губи кога не попуштаме, а авторитетот не се гради со викање. Се гради со тоа што родителот останува тука, цврст, мирен и достапен, дури и кога детето е во хаос и бура.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top